ВИДЕО – Изложба на маски – Изабела Талевска од ООУ „Св. Кирил и Методиј“ од с. Подмол добитник на Гран при


Со отворањето на традиционалната изложба на маски во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, изработени од страна на учениците од сите основни училишта од овој град, како и дел од средните училишта официјално започнаа карневалските денови за празникот Прочка. Изабела Талевска од училиштето „Св. Кирил и Методиј“ од селото Подмол ја освои Гран при наградата со својата прекрасна маска изработена исклучиво од природни материјали.

Мојата маска е од училиштето „Кирил и Методиј“, ја работев скоро еден месец. Немав некоја посебна мотивација, само едноставно користев природни материјали и така ја направив.

Дали досега имаш учствувано на овие изработки на маски секоја година за празникот „Прочка“?

Да, учествувам 4 години, оваа ми е четврта година и прв пат освојувам место“, рече Изабела Талевска, добитник на Гран при наградата.

Инаку училиштето Св. Кирил и Методиј од селото Канатларци и Подмол скоро секоја година ги имаат едни од најкреативните маски кои ги изработуваат од материјали собрани во околината на овие населени места.

Ова веќе ни е како еден вид на традиција во самото училиште, изработката на традиционални маски за празникот „Прочка“. Веќе 12 година ова е традиционално и учениците од овие споменати училишта традиционално освојуваат награди, затоа што точно од она што го имаат во својата околина, во средината, ги користат материјалите за да ги направат баш како што било во минатото традиционални маски. Имаме еден дел на подготовка каде им правам презентација на традицијата во минатото за карневалот „Прочка“, што е тоа што ја одбележува традицијата и каков се материјал користеле луѓето во минатото. Инспирирани од тоа учениците успеваат да го доловат баш тоа, традицијата на изработка на маски како што било во минатото“, додаде Дарко Талески, наставник по ликовно образование во ООУ „Св. Кирил и Методиј“.

Од Комисијата која ги оценуваше маските велат дека имале навистина тешка работа за да го изберат победникот, затоа што оваа година имало навистина огромен број креации кои биле прекрасно изработени и заслужувале награда.

Имаше навистина многу тежок избор, затоа што сите маски или повеќето рачно изработени, кое беше и едно од критериумите за победникот. Изработени се со природни материјали, вложено е многу труд, дечињата навистина се потрудиле и со голема тешкотија успеавме само една гран при да одбериме. Имаме неколку основни училишта, средни, од околината на градот, така да многубројна е изложбата и треба сите да ја посетат во наредната недела“, кажа Анита Јовеска, Комисија за оценување на маските.

 

Традиционално учествуваат на оваа изложба повеќе од 500 изложувачи, од вештите раце на учениците, сигурно под менторство и на нивните наставници и одделенски раководители. Со тоа ја одржуваме традицијата и ја збогатуваме креативноста на нашите автентични, можеби идни уметнички творци“; изјави Борче Јовчески, градоначалник на Прилеп.

Инаку во Прилеп веќе се е подготвено за главното дефиле за Карневалот Прочка кое треба да се случи во недела, во центарот на градот, на булеварот „Гоце Делчев“ и плоштадот „Методија Андонов Ченто“.

Централниот настан е во недела, дефилето каде над 20 групни маски со по 50-100 членови ќе се престават пред централната бина на плоштадот „Методија Андонов – Ченто“. Тука се и гостите од другите градови, има од Мокриево, Куратица, Струмица, Охрид, Кавадарци и нашите прилепски традиционални учесници. Очекуваме над 500 маскирани учесници во дефилето“, вели Снежана Ристеска, советник за култура во Општина Прилеп.

 

Во недела е главното дефиле на кое што очекуваме над 500-600 ученици да има, некаде околу 20-30 маски, точниот број не го знаеме бидејќи се уште не се потврдени. Еве во последно време се најавуваат други кои сакаат да земат учество на прилепскиот карневал. Ние сме подготвени како организационен одбор и ќе ги пречекаме сите кои имаат желба да учествуваат и да бидат во градот Прилеп на овој голем празник за нас“, истакна Ванчо Ѓорѓиев, претседател на здружение „Прилепски Мечкари“.

Сите наградени ученици на изложбата на маски добија дипломи и симболични парични награди од Општина Прилеп.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи