ВИДЕО – Клубот за ритмичка гимнастика „Авантгард“ од Прилеп, еден од двата единствени клуба во Македонија, со оваа дисциплина


Ритмичката гимнастика е олимписки спорт кој што е малку познат кај нас, тука повеќе е афирмирана спортската гимнастика. Клубот „Авантгард“ од Прилеп е еден од двата единствени клубови во Македонија кои се занимаваат со оваа дисциплина и најтрофеен клуб кога станува збор за освоените медали на натпреварите надвор од Македонија.

„Ритмичката гимнастика е спорт или дисциплина од спој на повеќе вештини како балет, ритмика, кореографија и техника со реквизити. Тоа е специфично што има повеќе делови, за да направциш едно совршенство во ритмичката гимнастика. Има групни и индивидуални вежби. Има 5 реквизити со кои се работи, тоа се: топка, лента, јаже, хулахоп и чуњеви“, истакна Александра Стојаноска, тренер во клубот за ритмичка гимнастика „Авантгард“ од Прилеп.

Ова е женски спорт, каде возраста на девојките се движи од некаде 4  до 13 години кај нас, а додека оние кои професионално се занимаваат со овој спорт може да имаат и до 20 години.

„Колку е тежок овој спорт за да се научи? Колку време им треба на дечињата за да ги совладаат сите овие вештини?

 Овој спорт е доста тежок, сака флексибилност, внимание, дисциплина, да си фокусиран и е доста битен во развојот за помалите дечиња, каде што се развива фината моторика и координација во простор. Бара внимание, прво имаме само загревање околу 40-45 минути, па потоа започнуваме техника со реквизити. Се вежба 4 пати неделно, од кои 3 пати се заедно такмичари и почетници, а во сабота само такмичари.

Рековте дека се само 2 клуба во Македонија, зошто толку малку?

 И јас точно  не го знам одговорот на ова, се трудиме во Федерацијата на гимнастички спортови дека ќе се развие и овој спорт, за да имаме и ние државни натпревари, бидејќи за да има државни натпревари треба најмалку да се има 3 клуба“, додаде Стојаноска.

Токму поради ваквата ситуација единствениот начин за да се натпреваруваат некаде членовите на клубот „Авантгард“ од Прилеп е да учествуваат на меѓународни турнири во странство.

„Имаме учествувано на меѓународни турнири учествувано во БиХ ни беше првиот настап пред некаде 5 години, таму го организира Претседателот на Федерацијата на гимнастички спортови, турнирот е доста добар каде што земаат учество повеќе држави. Успеавме да си дојдеме со повеќе медали. Учествувано имаме и во Бугарија и таму е доста развиен овој спорт. Исто имаме први и втори места во различни категории во групни вежби, со и без реквизити“, истакна Стојаноска.

Тренерот Александра Стојаноска вели дека има доста млади кои сакаат да се занимаваат со овој спорт кој полека е во подем во Прилеп. Девојките од клубот велат дека тренираат со голема желба и ентузијам, а целта им е освојување на уште многу награди во странство.

„Јас тренирам околу 5 години, гимнастиката ја сакам бидејќи е здрава за организмот и интересна. За гимнастика се одлучив бидејќи како мала знаев да правам некои работи од гимнастика и затоа ми беше интересно. Инаку е тежок спорт“, вели Анастасија Нешкоска, член на клубот „Авантгард“.

 

„Најмногу внимание треба да се посвети на реквизитите, на елеганцијата, на балетот, скоковите… Најтежок е делот со реквизити. А од реквизитите најтешки се чуњевите и лентата, затоа што има потешки елементи со нив“, додаде Марија Тошеска, член на клубот „Авантгард“.

 

„Гимнастиката ја одбрав бидејќи многу ја сакам и таа е многу елегантна, содржи и балет, добиваме здраво тело. И во иднина сакам да продолжам со овој спорт да се занимавам“, кажа Јована Везенкоска, член на клубот „Авантгард“.

 

„Има многу елеганција и многу интересен е спортот да се работи, учиме балет, скокови, а чуњевите се најтежок елемент. Затоа што треба да се посвети големо внимание на фрлањето и скоковите“, изјави Галена Ацеска, член на клубот „Авантгард“.

 

„Како мала на 5 години јас знаев да правам ѕвезда и шпага и тогаш ме запишаа на гимнастика, сега знам повеќе работи и ми е многу интересно. Вежбаме со реквизити, лента, чуњеви, хулахоп, јаже“, рече Илина Кузманоска, член на клубот „Авантгард“.

 

„Здраво е за развојот и интересен спорт е, забавен и елегантен. Имаме кореографии и балет“, кажа Теа Петреска, член на клубот „Авантгард“.

 

„Многу е елегантен и има убави скокови. Вежбам една година, тука ме донесе татко ми бидејќи убаво вежбав“, рече Мелани Ристеска, член на клубот „Авантгард“.

 

„Чуњевите се најтежок елемент бидејќи има многу елементи со фрлање, околу 2 часа дневно треба да се посветиш во текот на денот за да се научат сите вежби и елементи“, истакна Јана Димоска, член на клубот „Авантгард“.

 Целта на клубот е во иднина да се подобрат условите за работа, а и да тгренираат и вежбаат со врвни светски тренери на различни семинари во странство.

„Понатамошни цели и задачи кои сакаме да ги оствариме во клубот се тоа дека сакаме да ги подобриме пред се и условите за работа во клубот. Оваа гимнастика се работи на професионален теписон, партер се вика, се надевам дека ќе успееме да го овозможиме тоа на клубот, имаме професионални припреми во лето кои се под раководство на 2 познати тренери од Русија. Тоа е руски проект, што ги правиме во Србија. Доаѓаат повеќе земји. Годинава имаме чест со тренерот на Бугарската федерација да бидеме таму што освоија злато во 2020 година во Токио. Тие се професионални припреми каде што се спремаме 6 часа во текот на денот според програма. Потоа во септември имаме турнир во БиХ, учествуваме редовно на него“, изјави тренерот на „Авантгард“, Александра Стојаноска.

Последно, пред неколку денови клубот по естетско ритмичка гимнастика „АВАНТГАРД“ се закити со грст медали на меѓународниот куп „ЕВИТА КУП“, кој се одржа во Свилајнца, соседна Србија.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи