Општина Прилеп планира да се задолжи 5 милион ева со општинска обврзница за изградба на два мостови, од кои едниот со кружен тек, а другиот со пробивање на комплетно нова улица, потоа изградба на влезот во Прилеп од страната на Македонски Брод и поставување на фотоволтаични панели за производство на електрична енергија кои ќе бидат поставени на сите општински објекти, меѓу кои и сите училишта. Од Општината велат дека без вакво задолжување Општината немала пари да ги реализира капиталните објекти, затоа што немала помош од централната власт, а имала огромен долг кој морала да го враќа а бил наследен од претходната локална самоуправа.
„Кога Владата се задолжува со еврообврзници зарем друга алтернатива постои. Ние имаме во тековната година голем процент на враќање на стари долгови затекнати од претходната власт. Односно за исплата на автобуси, градинки, и друго. Ние друг начин немаме на финансирање на овие проекти. Повеќе од 70 милиони денари е годишната исплата на овие затекнати покапитални, поголеми проекти“, рече Борче Јовчески, градоначалник на Општина Прилеп.
Опозицијата пак најмногу забелешки има на тоа што ова големо задолжување го нема во предизборната програма на Борче Јовчески, кој пак вели дека тогаш никој не знаел дека може да дојде до ваква голема енергетска криза која си го зела својот данок.
„Но предизборната програма немаше ниту издатоци како енергетската криза. Ние не знаевме дека толку огромен дел средствата ќе ги дадеме за исплата на електричната енергија. Од 18 милиони денари, тогаш предвидени или затекнати издатоци за исплата на струја, сега истите се 60 милиони денари. Како опозицијата тоа ќе го прокоментира?“, додаде Јовчески.
Од Општината се надеваат дека Министерството за финансии ќе го одобри ова задолжување преку обврзница. Обврзницата ќе се враќа во наредните 7 години. И тоа 7 години се враќа само каматата која е околу 240.000 евра годишно, а последната година се враќа наеднаш целата главнина од 5 милиони евра.
„Ние обврзницата ќе ја понудиме на пазарот на хартии од вредност, преку Комисијата за хартии од вредност и мислиме дека ќе има доволно заинтересирани Пензиски фондови, Втори пензински фондови, Инвестициони фондови, па и граѓани кои ќе бидат заинтересирани да ја купат оваа обврзница“, истакна Драган Ѕвездакоски, раководител на сектор за финансии во Општина Прилеп.
Со овие 5 милиони евра ќе се прави мост со кружен тек кај Табана, стар проект уште од времето на екс градоначалникот Марјан Ристески, потоа ќе се пробивала улица „Победа”, од вкрстување со улица „Васко Карангелески” до улица „Александар Македонски”, со мост на „Ореовечка” река, реконструкција на улица „Орде Чопела“ – делница од крстосница со улица „Македонски бранители“ до граница на опфат по ГУП – Општина Прилеп, односно влезот на градот кон Македонски Брод, како и фотоволтаични панели.
„Со првите 3 проекти, тоа се чисто инфраструктурни проекти кои го означуваат развојот на Прилеп и граѓаните на Прилеп добиваат подобри инфраструктурни комуникации. Од еден во друг дел на градот. Слепите црева, горливите сообраќајни јазли ги средува за полесно функционирање на самите граѓани од еден во друг дел на градот. Со улицата „Победа“ се планира развој на еден дел од градот кој е превиден за понатамошно ширење на градот, а со фотоволтаичните панели во склад со условите кои ги наметнува светското стопанство, ќе имаме производство на електрична енергија и искористување на обновливи извори на енергија“, изјави Бранко Нешкоски, раководител на сектор урбанизам во Прилеп.
Според Општината ова задолжување во иднина ќе го релаксирало буџетот за да може дел од средствата од него да се искористуваат за други капитални проекти.