ВИДЕО – ООУ „Добре Јованоски“ – пример за тоа како креативноста и уметноста го подобруваат образовниот процес


Повеќе од 10 години ООУ „Добре Јованоски“ од Прилеп се обидува на учениците образовниот процес и предметите да им ги доближи на еден доста креативен начин, а тоа е преку цртежи кои ги има на секој ѕид од приземјето, па се до најгорниот кат од објектот. Вкупно има 30-тина вакви цртежи. Главен виновник за ова е наставничката по ликовно образование Маја Најдоска која ги изработува овие дела заедно со учениците и нивните ментори.

Овие цртежи се менуваат константно според потребите на предметот кој го изучуваат учениците. Наставниците, колегите мои одбираат што точно треба да се прикажи и потоа заедно со учениците ние ги реализираме нивните наставни единици. Во изработка на овие ѕидови учествуваат сите деца од шесто до деветто, заедно со наставниците, нивните ментори по предметот кој го изработуваме на ѕидовите. Овие цртежи и тоа како помагаат, бидејќи цело време ние ги менуваме и се обидуваме преку цртежите да добијат една мемориска слика во главата и да останат врежани во долго сеќавање“, вели Маја Најдоска, наставничка по ликовно образование.

Маја Најдоска, наставничка по ликовно образование

 

 

 

 

Сончевиот систем, математика, англиски, германски, македонски јазик, хемија, секој ѕид си има своја приказна која треба да ја прикаже.

Знаејќи ја важноста на изучувањето на странскиот јазик, односно германскиот во 21 век, дојдовме до една идеја да направиме еден креативен мурал во нашето училиште, кој што ќе ги поттикне учениците да учествуваат во наставниот процес, односно да се ангажираат повеќе. Ние ја избравме пеперутката како симбол на слободата, при што покрај оваа пеперутка назад ќе има напишано исто така текст кој во превод би значел „границите на мојот јазик се граници на мојот свет“, вели Марија Хаџимитреска, наставник по германски јазик.

 

Зошто се одлучивте баш за периодниот систем?

 Затоа што периодниот систем е нешто без кое не можеме да учиме во хемијата, мора да ги знаеме хемиските симболи за понатаму да ги постигнуваме другите цели и резултати што треба да ги изучиме“, кажа Христина Дичоска Шефтероска, наставник по хемија.

 

Новите наставни содржини што треба да ги изучуваме со наставниците по македонски јазик и со наставничката по ликовно Маја Најдоска ги изнесуваме на ѕидовите во ходниците, со цел полесно да им ги покажеме наставните содржини кои ги учиме ние, затоа што подобро е кога визуелно ги гледаме работите“, рече Михаела Велеска, ученик во ООУ „Добре Јованоски“ – Прилеп.

 

Како што можете да видите во позадина на ѕидниот мурал ја имаме насликано англиската азбука со тоа што за секоја буква има нацртано по еден предмет кој е поврзан со таа буква и се потрудивме да направиме еден креативен ѕид каде најмалите ќе можат да ја добијат нивната основа во англискиот јазик“, додаде Елена Десоска, наставник по англиски јазик.

 

 

ООУ „Добре Јованоски“ од Прилеп е мултиетничко училиште, каде децата од најмали нозе се учат на толеранција и почитување на различностите, да другаруваат помеѓу себе без никави предрасуди и пречки.

Ова дрво го изработивме во чест на нашите соученици, го почитуваме нивниот празник Велигден за Христијаните“, изјави Берфина Исламоска, ученик во ООУ „Добре Јованоски“ – Прилеп.

 

За празникот Бајрам изработувавме ромски слики каде беше пренесена ромската традиција“, рече Елмина Мемедоска, ученик во ООУ „Добре Јованоски“ – Прилеп.

 

Проектот кој се случува денеска е многу убав, бидејќи нови деца кои идат во училиштето ќе можат да ги видат сликите кои се овде и ќе можат да го запамтат тоа“, истакна Марко Златески, ученик во ООУ „Добре Јованоски“ – Прилеп.

Во ова училиште уметноста е присутна на секој чекор, во секое катче.

Тука сме до 2 стари инструменти кои ги поседува училиштето, еден контрабас и едно пијано кои се навистина реставрирани во еден модерен стил?

Во нашето училиште имаме голем број на талентирани ученици, располагаме со огромен број на музички инструменти, како што гледате и во корелација со наставничката по ликовно образование Маја Најдоска скоро секоја година се трудиме да ги обновиме овие инструменти кои се застарени и да ни траат што подолго и подолго и да имаме со што да работиме со нашите ученици.

Колку вакви инструменти се насликани, нацртани на ваков начин?

 Оваа учебна година ги насликавме само овие 2 инструменти, пијаното и контрабасот, а за наредната учебна година планираме да ги реставрираме и мандолините во нашето училиште“, потенцираше Гоце Стојкоски, наставник по музичко образование.

Учениците за својата креативност и труд добиваат голем број награди за многу нивни дела.

Да ја спомнам и последната награда која ни е многу драга, бидејќи по втор пат ја добиваме, прво место на натпреварот во организација на Пакомак за изработка на дела од отпадни материјали. Освоивме прво место со змејот и витезот, го освоивме првото место на карневалот по повод Прочка, каде наставниците заедно со учениците изработија самостојно маски, ги купивме како материјали и сами шиеја, сами кроеја, сами се шминкаа и ете трудот кој го вложија ни донесе прво место. Друга награда со која се гордееме е првото место, во организација на УНИЦЕФ и МОН каде снимивме видео во кое беше прикажан еден тежок живот на децата, дека децата без родители се изгубени во светот, макар и во светот на децата“, истакна Панде Николоска, директорка на ООУ „Добре Јованоски“ од Прилеп.

Панде Николоска, директорка на ООУ „Добре Јованоски“ од Прилеп

Од ООУ „Добре Јованоски“ велат дека и во иднина ќе продолжат да бидат пример за тоа како креативност и уметноста може да се стави во улога на подобрување на образовниот процес и подобро усовршување на наставната материја.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи