Д-р Александар Василески ја доби државната награда „Гоце Делчев“ за особено значајни остварувања во областа на науката

Денес, монографијата „Поствизантиските претстави на Страшниот суд на територијата на Р. Македонија“, чиј автор е д-р Александар Василески, научен соработник во ЈНУ Институт за старословенска култура, ја доби државната награда „Гоце Делчев“ за 2022 година, за особено значајни остварувања во областа на науката.

Монографијата е во издание на ЈНУ Институт за старословенска култура – Прилеп и Здружение Менелај – Прилеп.

Се работи за исцрпна и заокружена студија на македонските илустрации на Страшниот суд кои настанале во периодот од XV до XVIII век.

Студијата претставува тематска целина, ретка во византолошката библиографија, во која монографски е третирана ликовноста на поствизантиските илустрации на Страшниот суд, која се вбројува меѓу најкомплексните теми во источнохристијанската уметност.

Во монографијата, покрај темелните анализи на иконографските карактеристики и нивната семиотичка интерпретација на збирката ѕидни илустрации на Второто Христово доаѓање, научно се промислени и социополитичките фактори кои влијаеле врз еволуцијата на ликовноста на Страшниот суд во византискиот и поствизантискиот период.

Голем дел од обработените претстави ја доживуваат својата прва научна евалуација токму во ова дело, проследено, со богат илустративен материјал.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи