Вечерва во Прилеп беа одбележани 80 години од смртта на прилепчанецот Али Фети Окијар, истакнат турски политичар, десна рака на претседателот Мустафа Кемал Ататурк. Али Фети Окјар е роден во Прилеп на 29.04.1880 година, а починал на 07.05.1943 година. Тој во својата кариера бил два пати премиер на Турција, претседател на турското собрание, 5 мандати пратеник во истиот парламент, министер за внатрешни работи, министер за правда, а бил и амбасадор на Република Турција во Бугарија, Франција и Англија. Тој бил човекот во Ататурк имал најголема доверба. Ова е за прв пат неговиот лик и дело да се одбележуваат во Прилеп, а присутни беа амбасадорот на Турција во Македонија, а од Истанбул пристигна и неговиот внук кој исто така се вика како неговиот дедо, Али Фети Окјар.
„Многу сум задоволен што се прави вака комеморација во името на мојот дедо кој е роден во Прилеп и многу сум горд поради тоа. Мислам дека тоа што се прави оваа комеморација ја зголемува поврзаноста на двете земји кои се поврзани историски уште многу одамна и ќе биде од голем придонес“, истакна Али Фети Окјар, внук на Али Фети Окјар.
Овој проект е финансиран од Министерството за култура. А годинава се одбележуваат 80 години од смртта на Али Ферти Окијар, 85 години од смртта на Кемал Ататурк и 100 години од прогласувањето на Турција за Република.
„Преку неговиот лик сакаме да направиме една меѓуинституционална, меѓунационална и секако меѓудржавна соработка, да го направиме неговиот лик подостапен до јавноста“, рече Рубинчо Белчески, историчар во Завод и музеј Прилеп, како и раководител на целиот овој проект
Од Општина Прилеп истакнаа дека во иднина ќе се потрудат уште подостојно да го одбележат овој значаен историски лик.
„Овој лик, овој поборник за демократија и либерален поглед на светот да заслужи почесно место во својот роден град, кој се разбира во координација и соработка со Музејот и Министерството за култура можеме да подготвиме некое обележје, пример спомен соба, споменик или име на некоја улица“, изјави Борче Јовчески, градоначалник на Прилеп.
Прокектот на истражување и собирање на потребната документација за Али Фети Окјар ќе трае до октомври кога ќе биде организирана и голема изложба со собраниот материјал.