Прва самостојна изложба на историчарот на уметност и ликовен уметник Елена Чагороска ќе биде отворена во петок од 19.30 часот во Ликовната галерија од ЦК „Марко цепенков“. Уметницата ќе се претстави со 49 дела со автентичната ликовна експресија.
Според историчарот на уметност Викторија Димеска, делата од ликовниот уметник Елена Чагороска се одликуваат со креативна, разиграна колоритност и непресушна/ неисцрпна имагинација.
„Во многугодишната уметничка исполнетост, таа експериментира со разни техники и со разиграна имплементација ни ја доловува својата ризница. Постојаната инспирација и длабоката фантазија ја соединуваат со уметноста и ја водат кон нови подизи и експресии на уметничкото платно. Слоевитите и разнобојни намази дополнително ја истакнуваат хармонијата меѓу уметноста и енергичниот дух на авторката. Со примената на богатите текстури, уметницата ја раскршува монотнијата создавајќи контраст и игра меѓу дводимензионалноста и тридимензионалната рамнина на платното. Дијалозите меѓу ликовните елементи и акцентираните контрасти ја обликуваат севкупната нарација во сложените композиции. Оваа ризница со љубов ја сочинуваат 49 дела иззработени во акрил и комбинирана техника“, вели Викторија Димеска, историчар на уметност.
Елена Чагороска дипломира на Филозофскиот факултет група историја на уметност со археологија. Од студентските денови објавува статии за уметноста и археологијата во весниците „Нова Македонија“, „Вечер“… Од 1980 година работи во Државен архив во Прилеп. Од 1984 година пишува ликовна критика и отвора самостојни и групни изложби на уметници од Прилеп, Македонија и од странство. Активно пишува во тогашниот неделник „Народен глас“, потоа во списанието „Деница“.
Автор е на повеќе трудови од ликовната уметност. Како ликовен уметник започнува од 1980 година па се до денес со учество на групни изложби на ДЛУП и ДЛУМ и на сликарски колонии.