Во 8 трговски синџири граѓаните оставиле 880 милиони евра

Facebook
Twitter
Email
Print

Минатата година, додека цените незапирливо растеа и додека граѓаните се мачеа да го закрпат месецот, поради што Владата кроеше непазарни мерки, како што беше ограничувањето на маржите – големите синџири на маркети успеаја солидно да се „нафатираат“, покажува анализата на „Пари“ врз основа на податоците од платформата БизнисМрежа.мк.

Навистина, сите трговци што ги ставивме под лупа, а кои се најпознати меѓу потрошувачите имаа намалени добивки  (со исклучок на еден трговски синџир), но факт е дека во осумте  најголеми синџири каде што граѓаните оставиле безмалку 880 милиони евра, направена е вкупна нето-добивка од над 25 милиони евра!

Во 2021 година прометот во истите трговски синџири бил 750 милиони евра, а нето добивката околу 30 милиони евра. Така, овие податоци откриваат дека лани со поголем  промет (што се должи на раст на цените, а не на растот на пазарењето, како што потврдува и Државниот завод за статистика), направен е помал профит отколку во претходната година.

Дали ваквото работење, во услови на високи цени особено на енергијата, но и на поскапената работна сила ги налути сопствениците на маркетите? Тие постојано се изложени на критики од јавноста, но и од власта дека не се солидарни со населението и дека премногу ги зголемуваат цените. Податоците потврдуваат дека некои имаат големи заработки во однос на приходите, но кај некои тој сооднос е околу половина процент.

Трговски синџири со најголеми добивки

СО КАКВИ ПРИХОДИ СЕ НАПРАВЕНИ ОВИЕ ДОБИВКИ?

Како и во 2021 година, така и лани, рекордер во добивка е „Верополус“ со остварена нето-заработка од 9,2 милиони евра. Во 2021 година пак, добивката била нешто поголема и изнесувала 10 милиони евра. Интересно за „Веро“ е висината на профитната маргина како сооднос на приходот од 90,4 милиони евра и нето – добивката од 9,2 милиони. Грчката компанија има нето профитна маргина од дури 10 проценти!

Со сличен приход е „Тинекс“, но со многу помала добива. „Тинекс“ лани направил приход од 99,4 милиони евра, а заработил 460.00 евра, со што неговата нето – профитна маргина не е ниту половина процент.

Најголем приход пак, има остварено „Кам“. Во 2022 година таму граѓаните оставиле 232,7 милиони евра и тоа на компанијата и донело 4,9 милиони евра, речиси исто како и претходната година. Нето-профитната маргина на компанијата била малку над 2 проценти.

Втора по приход е „Киппер“ со реализација од 136,7 милиони евра, со што направил нето-добивка од 3,4 милиони евра, за разлика од претходната година кога остварил добивка од 4,8 милиони евра.

Трета по приход е „Стокомак“. Таму приходите биле 119,8 милиони евра, а нето-зарботката 3,5 милиони евра. „Стокомак“ имал поголема нето-профитна маргина од „Кам“ и таа изнесувала 2,9 проценти.

И „Кит-го“ веќе се етаблира како синџир кој прави добри приходи. Ланскиот вкупен приход му бил 78,1 милион евра, а заработката му била 2,5 милиони евра, со што остварил нето-профитна маргина од 3,2 проценти. Инаку, „Кит-го“ е единствениот трговски синџир меѓу анализираните кои има зголемување на добивката во 2022 година во однос на 2021 година.

Рамстор“ лани имал значително намалување на добивката во однос на 2021 година. Така, неговата ланска нето-добивка била 750.000 евра, а претходната година била 1,4 милиони евра, што значи дека речиси му се преполовила.

Во однос на добивките, меѓу овие 8 трговски синџири, најмалку може да се пофали „Жито“. Лани реализирал добивка од 340.000 евра, тоа е само 30-тина проценти од добивката направена во 2021 година кога имале чист профит од 1,1 милиони евра. Во однос на остварените приходи. „Жито“ лани нето-профитна маргина од малку повеќе од половина процент.

Трговски синџири со најголеми приходи

ПРОДОЛЖУВА ОГРАНИЧУВАЊЕТО НА МАРЖИТЕ

Во повеќе наврати министерот за економија Крешник Бектеши ги критикуваше трговците дека ставаат огромни маржи и дека профитираат од кризата. Во таа насока беа и ограничувањата на маржите за основните прехранбени продукти.

Последната одлука се објави на 25-ти април, а според неа Владата го продолжи рокот на траење на мерката за ограничување на маржата на основните прехранбени производи и истата да се применува до 30 јуни 2023 година.

Со оваа Одлука, највисоката трговска маржа за леб бел (сечен на паричина или цел), шеќер бел и сончогледово масло за јадење (без ладно цедено масло) се утврдува во висина до 5% во трговијата на големо и до 5% во трговијата на мало.

Највисоката трговска маржа за брашно од пченица – тип 400 и тип 500, макарони и шпагети од тврда пченица, македонски ориз бел, трајно кравјо млеко со масленост од 2,8%, 3,2% и 3,5%, јајца од кокошка, урда, кравјо бело сирење и мешано бело сирење, кашкавал, кисело млеко и павлака и јогурт се утврдува во висина до 10% во трговијата на големо и до 10% во трговијата на мало.

„Имајќи во предвид дека со оваа Одлука се ограничува растот на цените преку утврдување на висината на трговската маржа, која треба да влијае на растот на цените на мало на основните прехранбени производи, а состојбата на пазарот укажува дека цените сеуште не се стабилизирани, се наметна потребата да се предложи измена на Одлуката, со која рокот на примената се продолжува за следните два месеци од оваа година, односно од 30 април до 30 јуни 2023 година“, соопшти Владата.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи