Ковачевски: Министри од Прилеп и Битола не го направија автопатот, сега штипјанец ќе го направи

Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, на денешната церемонија за почнување на изградбата на коридорот 10 д рече дека досега скоро во 90% од времето министри за транспорт и врски биле или од Прилеп или од Битола или од Ресен и никогаш не го направиле автопатот меѓу Битола и Прилеп.

„Затоа сега министер од Штип, Бочварски, ќе го направи автопатот Прилеп – Битола, или Битола – Прилеп, како сакате“, рече Ковачевски.

Како што кажа премиерот, ова е проект којшто е од национален и стратешки интерес за државата, од кој придобивка ќе имаат граѓаните, економијата и државите коишто ги поврзува овој Коридор. Изградбата на Коридорот 10-д е траен влог и наследство за идните генерации.

„Изведбата на делницата Прилеп-Битола, како дел од Коридорот 10-д, во должина од 40 километри, заедно со автопатските делници од Коридорот 8, претставуваат најголема капитална инвестиција во нашата земја, која ќе биде пресвртница во развојот на нашата држава“, кажа Ковачевски.

Според Ковачевски придобивките од изградбата на овој проект се огромни и од повеќе аспекти.

„Изградбата на коридорите 8 и 10-д значи нови 8.000 работни места, нови инвестиции од 1,3 милијарди евра и номинален раст на БДП од 2% годишно во наредните пет години. Паралелно, со реализацијата на овој проект, се отвораат можности за нови бизниси, изградба на нови објекти од различни дејности, бензински пумпи, ресторани, хотели, одморалишта, деловни објекти. Тоа се можности за отворање на нови работни места, за вработување на жителите од регионите каде што ќе поминуваат автопатските делници од коридорите“, истакна премиерот.

Тој на крајот од својот говор рече: „Дами и господа, да се фатиме за работа, доста беше зборување“.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи