Промовирана книгата „Добрите девојки се враќаат дома пред полноќ“ од Лина Димоска

На 07.05 2023, во недела, на Саемот на книгата во спортскиот центар „Борис Трајковски“ се одржа промоција на книгата „Добрите девојки се враќаат дома пред полноќ“ од Лина Димоска.

„Добрите девојки се враќаат дома пред полноќ“ е новела за обидот на младата хероина да се соочи со минатото и траумите од детство, да ја открие слободата и да ги улови можностите за да има еден поинаков и поубав живот. Целата приказна е испреплетена од мрачното минато на младата девојка и нејзините обиди да си создаде светла иднина и да го извлече најдоброто од себе на површина.

Психотерапијата ѝ помага на Анисија да направи чекори за кои инаку не би имала храброст да ги направи. Врсничкото насилство остава длабока траума врз неа, па таа има потешкотии при носење на одлуки, постојано се сомнева во себе, не е сигурна, ниту може да им верува на другите. Од друга страна копнее да се почувствува сакано и прифатено и нејзините постапки да бидат одобрени од некого.

„Добрите девојки се враќаат дома пред полноќ“ не е прва книга на младата авторка. Во 2022 година излезе од печат нејзина збирка поезија „Љубовни писма за еден прилепчанец“, која е во издание на самата авторка. Има учествувано на повеќе литературни конкурси и натпревари за ораторство. Меѓу наградите кои ги има освоено се: второ место на литературниот конкурс „Литературни искри“ во 2009 година, 2 место на натпревар во ораторство УКЛО Тривиум во 2016 и 2017 година. Нејзини творби се објавени во „Зборникот на прилепски автори“ во издание на Градската библиотека „Борка Талески“ – Прилеп од 2021 година. Дел е од тимот на литературниот блог krajbrezje.mk.

„Добрите девојки се враќаат дома пред полноќ“ е во издание на Бата Прес и може да се купи на нивната веб страна, како и на сите продажни места со кои издавачката куќа има соработка.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи