ВИДЕО – Уникатните сувенири со народни носии на Лидија Михаилова од с. Лаг во Поречието


На 20 км. од Македонски Брод, длабоко во Поречието, покрај реката Треска се наоѓа селото Лаг, каде Лидија Михаилова од Скопје веќе 10-тина година живее и твори уметнички дела на кои се нацртани македонските народни носии. Прво ја запрашавме како и зошто се преселила тука.

Морам да ви кажам на почетокот дека јас имам едно хоби, можеби малку чудно за жени но јас сум рибарка. Доаѓавме овде кај едни пријатели и ми се допадна местото и рекоа дека се продава. Тоа беше четврток или петок, јас се вратив во Скопје, во понеделникот поднесов барање за кредит и дојдов си го купив местото и тука сакам да живеам, убаво ми е, цело зимо сум тука, имам дрва, имам ќумбе, имам се што ми треба, луѓе, комшии, мирно е, тивко е и преубаво место е“, истакна Лидија Михаилова, уметница од с. Лаг, Македонски Брод.

Цвеќиња, таписерии, разни украси, дворот е вистински мал рај. А додека внатре во оваа куќичка Михаилова ги твори своите дела со слики на народни носии, а за да ги нацрта употребува исклучиво лак за нокти.

Голема е желбата да ги имам носиите, но мала е финансиската можност да ги имам и затоа јас сакам да ги цртам, ме исполнува тоа што ги работам нив, а најмногу ме исполнува тоа што овие цртежи одат низ цел свет, значи секаде каде што има наши луѓе низ дијаспората си ги купуваат овие и си ги носат. Тоа уште поголема сатисфакција ми е.

Цртате исклучиво народни носии?

Исклучиво народни носии затоа што тие ми се инспирација, тие ми се порив, секоја носија си е нешто посебно и не можеш една иста да ја направиш, секое село си има посебни тонови и тоа ме инспирира, тоа ме тера уште повеќе да работам. Јас имам каталог од 60-тина носии и сите нив ги цртам, дали е на даска, дали е лажица или магнети, ги изработувам и ми ги бараат, особено играорните друштва кога одат некаде на турнеја надвор од Македонија, носат подароци. Сите ги работам исклучиво со лак за нокти и на дрво, дрвото ми дава топлина на домот, а носијата е еден дел од некогашниот дом. Со овие правам спој на сегашноста и минатото“, додаде Михаилова.

Изработува и таписерии од волница.

Големината е во природна големина, си купувам вуница, бидејќи имам каталог на таписериите си ја исцртувам и почнувам да ја везам. Овие ги правам сама, пафтите сама ги правам, овие сама ги правам, значи се што се гледа овде е моја лична изработка. Тоа ме исполнува.

Колку време е потребно за да се изработи ваква таписерија?

Интензивно не ја работам, повеќе ја работам зимно време кога е поладно, кога ќе седнеш да везиш, а инаку ми требаат два месеци“, кажа Михаилова.

Народните носии ги црта на лажици, лејки, разни дрвени даски, на шишиња. Таа е самоук уметник и со ова се занимава 10-тина години.

Оваа стопмна 2 дена ја сечев да биде на половина за да имам 2 и да можам на ѕид да ги ставам. Лажиците јас ги цртав, ова го работам јас, овие овде се делови од женските блузи на градите што се, ги цртам и нив, сакам да го имам и тоа. Лажиците ги исцртувам јас. Таа пафта ја купив, а овие пафти јас ги изработувам затоа што се премногу скапи и премногу тешки да ги ставам на таписеријата, затоа јас ги изработувам. Барав некаде да најдам и вретено и на крајот си го купив. Морам да ви кажам, ова синоќа почнав да го работам, не е се уште готово, ќе го доработам. Ова е игла која ја носи невестата на Галичката свадба, значи иглата јас сама си ја правев. Ова е дел од носијата јабланичка, Струга, ова сето го правам јас, дури и паричките“, вели Михаилова.

Поради неможноста да ги има народните носии, бидејќи се скапи да се купат, тоа ја натерало да започне дел од нив сама да ги изработува.

Оваа е мариовската носија, иста како таписеријата, оваа цела јас ја работев. Оваа е кичевската носија, кошулата и елекот се оригинал, но бидејќи немам разбој, да имам сигурно би ткаела, ова е плетено. И таа носија е јабланичката, онаа кукла што прееска ви ја покажав со срмата горе, со бисерите, ова е носијата. Тој делот што е целиот со бисери се вика ризик“, додаде Михаилова.

Сите овие изработки може да се најдат во Скопје каде и го продава. Интернетот не го користи туку само со лична продажба. Може и да ја посетите во селото Лаг каде освен во убавините на природата ќе уживате и во нејзините дела.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи