9 претстави во официјалната програма на „Војдан Чернодрински“, Петар Темелковски и Петар Мирчевски добитници на наградата за животно дело


Од 9 до 16 јуни ќе се одржи 57-то издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“. Концептот на селекцијата е насловен „Радоста на играта или пркосот на креацијата“. Директорката на фестивалот Ана Стојаноска програмата ја конципираше во четири различни програми: Официјална селекција, ОФФ актива, Независна продукција што игра македонски автори и Видеопрограма. Од 52 одгледани претстави, во периодот од 22 септември 2022 до 10 мај 2023 Стојаноска одбрала 9 кои ќе се натпреваруваат во официјалната конкуренција. Фестивалот го отвора „Инферно“ на велешкиот театар.

Официјална програма:

  • „Чудна случка со кучето во ноќта“ од Сајмон Стивенс, во режија на Зоја Бузалковска, продукција на Драмски театар – Скопје, премиера: 29.12.2021г.
  • „Бесачи“ од Мартин Мекдона, во режија на Јавор Грдев, продукција на Македонскиот народен театар – Скопје, премиерна обнова: 21.2.2023г.
  • „Инферно“ според Данте Алигери, во режија на Дејан Пројковски, продукција на НУЦК Театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ – Велес, премиера: 29.10.2022г.
  • „Мистерија Буфо“ според Дарио Фо, во режија на Андреј Цветановски, продукција на Народен театар „Војдан Чернодрински“ – Прилеп, премиера: 16.11.2022г.
  • „Мy name is Medeјa“ според Еврипид, драматизација на Милан Рамшак Марковиќ, во режија на Себастијан Хорват, продукција на Народен театар – Битола, премиера: 27.09.2022г.
  • Три сестри“ од Антон П.Чехов, во режија на Кендрим Ријани, продукција на Албански театар – Скопје, премиера: 27.10.2022г.
  • „Несфатената цивилизација“ од Добри Војников, во режија на Софија Ристовска, Народен театар – Охрид, премиера: 10.04.2023г.
  • „Роња, ќерката на ограбувачот“ од Астрид Линдгрен, во режија на Јакуб Максимов, Театар за деца и младинци – Скопје, премиера: 23.12.2022г.
  • „Женска гардероба“ од Арношт Голдфлам, во режија на Наташа Поплавска, Театар Комедија – Скопје, премиера: 26.10.2022г.

Придружна програма:

  • „Човек перница“ од Мартин Мекдона, во режија на Сибел Абдиу, продукција на Турски театар – Скопје, премиерна обнова: 15.02.2023г.
  • „Циркус Пирандело“ според драми од Луиџи Пирандело, адаптација и режија на Бојан Трифуновски, продукција на Народен театар „Антон Панов“ – Струмица, премиера: 20.10.2022г.

Независна продукција што игра домашни автори:

  • „Елегија во пет здива“ автор и режисер Филип Петковски, премиера: 13.06.2022г.
  • „Заминувања“ – колективно авторство, режија на Драгана Гунин, независна продукција во соработка со Мировна продукција, премиера: 29.12.2022г.
  • „Срам“ од Ангела Стојановска, режија на Милош Б.Андоновски, Продукција на „Тииит! Инк“, премиера: 03.12.2021г.
  • „Скопјани“ според раскази на Оливера Ќорверзировска и колективно авторство на актерската екипа, режија на Милош Б.Андоновски, премиера: 13.11.2022г.
  • „Глум(и)ци“ колективно авторство и режија, продукција на „Артопија“, премиера: 26.12.2021г.
  • „Подготвено“ според поезија и проза на Ѓоко Здравески, раскази на Елизабета Баковска, поезија на Блаже Конески и адаптација на сцена од „Трите високи жени“ од Едвард Олби, режија на Дејан Спасовиќ, продукција на „РКЦ РАКАТРАК“, премиера: 16.11.2021г.
  • „Are you crazy? (Улаф сте?)“ автор и режисер Јован Ристовски, продукција на „АТО Центар за современа уметност и култура“ – Битола, премиера: 13.06.2023г.

„Понудената слика низ македонските театарски институции покажа неколку важни елементи со кои се соочува денес театарот кај нас. Сликата не е унисона, ниту покажува дека постои сериозна стратегија што треба да е денес театарски идентитет. Најпоразително е тоа што нема интерес за поставување домашни драми. Предизвикот да се селектира програмата за ова издание на фестивалот беше огромен, затоа што сметав дека на најстариот и најзначајниот македонски театарски фестивал треба да се покаже денешната актуелна театарска практика низ еден сериозен концепт. Концепт што ќе ни покаже каде сме и до каде сме и концепт кој треба да нѐ замисли и сериозно да ја наметне потребата да создаваме подобар театар. Во суштина, она што доминира во овој мој избор е креативноста на актерската игра, автентичните режисерски естетики и интересот кон драмската и не само драмска продукција на познатите автори, т.н класици. Добро е што некои од тие класични дела се актуелизирани и контекстуализирани, што мислам дека е важно да се покаже – рече Стојаноска.

На прес-конференцијата беа соопштени и имињата на добитниците на наградата за животно дело на фестивалот. Годинава тоа се актерите Петар Темелковски и Петар Мирчевски.

„Освен оваа програма во текот на Фестивалот во Прилеп ќе бидат отворени Фестивалски зони на неколку места во градот, каде ќе бидат поставени живи статуи и истовремено ќче има приказ на средновековни театарски изведби т.н. „Скомрахи“ кои ќе се шетаат низ Прилеп и ќе ги покажувата своите етиди. За време на Фестивалот ќе биде промовирана театарска, театролошка и драмаска литература, ќе бида одржани неколку работиолници, бидејќи ќе имаме гости од странство и истовремено ќе се организираат и неколку јавни разговори, независна продукција, театарот денес“, рече Стојаноска.

Во чест на наградените Фестивалот ќе го затвори претставата „Последниот Балкански Вампир“ на Дејан Дукоски, во режија на Александар Попоски, од Српското народно позориште од Нови Сад.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи