ВИДЕО – Постои опасност средните училишта во малите општини во иднина да останат без ученици


Ова е таблото од средното училиште во Македонски Брод на кое се гледаат само 11 матуранти, на кои им предаваат 22 професори и кое предизвика лавина реакции во јавноста за тоа дека малите места полека умираат. Жителите на Брод на шега велат дека имаат скапо европско образование, на секој ученик по двајца професори. Но ситуацијата во реалноста е навистина поразителна. Тоа го признава и градоначалникот на овој град кој вели дека проблемот не бил само во иселувањето туку и во тоа што средношколците имале бесплатно сместување во интернати и затоа се одлучувале да учат во блиските градови како Прилеп и Битола или пак Скопје.

„Државата воведе двојни аршини воведе субвенционирање на децата кои учат надвор од својата општина, но нема никакви мерки за стимулација за децата кои остануваат на територијата на својата општина. Затоа ние како локална самоуправа на Совет изгласавме секој средношколец да добие по 5.000 денари кој ќе се запише во средно училиште во Македонски Брод“, изјави Жарко Ристески, градоначалник на Македонски Брод.

За да останат децата во Македонски Брод се обидувале и преку дуалните паралелки, но и тоа засега не ги задржува младите во малите средини.

 „Исто така воведовме машинска струка во средното училиште, склучивме договор и воспоставивме соработка со фабриката во Самоков, направивме дуална паралелка, така што оспособуваме кадар за таа фабрика, дечињата одат на пракса во таа фабрика и се надеваме дека поголем дел од нив ќе може да останат да работат во таа фабрика“, додаде Ристески.

Истиот проблем како мала Општина го има и Крушево, таму годинава имало само 28 матуранти. Бројот на деца кои се заинтересирани да учат во средното гимназиско и угостителско училиште постојано се намалувал.

„Добро е да се усвои новиот закон за средно образование каде вели дека максимум ученици во една паралелка може да бидат 30. Така што големите училишта во Прилеп би оставиле простор на кандидатите кои нема да бидат примени таму да се вратат во малите места. Дуалното образование го имаме но не се покажа како нешто посебно атрактивно за учениците и единствено доколку локалната успее да овозможи стипендирање за учениците коии ќе гои одберат училиштето во матичното место“, изјави Снежана Миленкоска, директорка на на СОУ „Наум Наумоски – Борче“ – Крушево.

Дури и тие деца кои сакале да учат угостителство се запишувале во поголемите градови кои биле попривлечни за нив.

„Дури имаме случаи да го одберат угостителството и да заминат во Охрид. Затоа што таму има интернат, таму живеат и на некој начин ги избегнуваат оние земјоделски работи со кои се занимава нивното семејство. Тоа за младиот човек е олеснување“, додаде Миленкоска.

Бројот на ученици станува огромен проблем во сите мали општини, без сериозна стратегија на државата дел од овие училишта можат да останат компелтно без ученици.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи