Скоро 60 проценти од работниците се далеку од просекот


Само 12 отсто од вработените во државава се во зоната каде што со својата нето-плата можат да си ја дозволат минималната синдикална кошничка, која во април беше 49.384 денари. А, 8,8 проценти од работниците, пак, земаат 2,5 пати помали плати од износот на кошничката за април

Државниот завод за статистика пресмета, а Владата се пофали дека просечната нето-плата во март 2023 година е 34.925 денари. Оваа убава сума е, сепак, само просек, но и таа е далеку од потребите за задоволување на минималната синдикална кошничка за четиричлено семејство, за која Сојузот на синдикати на Македонија пресмета дека за април 2023 изнесува 49.384 денари.

 

Но, дополнителен проблем околу просечната нето-плата е и податокот што дури 306.943 работници во државава земаат плати до 30.000 денари.

 

 

*Извор: Управа за јавни приходи

Процентуално пресметано ова значи дека 59 отсто од вработените се за 4.925 денари под просекот за нето-плата што го пресмета Државниот завод за статистика. Ако се погледнат податоците што pari.com.mk ги побара од Управата за јавни приходи, може да се види дека први пет сектори каде што најмногу работници земаат од 20.176 до 30.000 денари се во: трговија на мало освен трговија со моторни возила и мотоцикли, дејност на здравствена заштита, производство на облека, трговија на големо освен трговија со моторни возила и мотоцикли, и јавна управа и одбрана – задолжително социјално осигурување. За да биде појасно, во овие пет сектори од вкупно 85 според методологијата на УЈП, дури 35 проценти од работниците се во оваа група на нето-плата.

НЕТО-ПЛАТА 20.176 – 30.000 ДЕНАРИ

Од друга страна, најмногу работници кои се доближуваат до просечната нето-плата или ја надминуваат, односно се во групата од 30.001 до 45.000 денари се во образование, јавна управа и одбрана – задолжително социјално осигурување, производство на моторни возила, приколки и полуприколки,

трговија на мало освен трговија со моторни возила и мотоцикли, и дејност на здравствена заштита. Во овие пет сектори се вработени 76.407 работници или 50,7 отсто од вкупниот број работници кои се во оваа група на нето-плата.

НЕТО-ПЛАТА 30.001 – 45.000 ДЕНАРИ

Ако се погледнат табелите, три дејности се појавуваат во двете групи на приходи. Во секторот јавна управа и одбрана – задолжително социјално осигурување дури 53 отсто се во групата од 30.001 до 45.000, наспроти 26,6 отсто, кои се во групата 20.176 – 30.000 денари. Од друга страна, пак, во трговија на мало освен трговија со моторни возила и мотоцикли, и дејност на здравствена заштита, доминираат работници кои примаат плати 20.176 – 30.000 денари или 66,6 и 50,7 отсто од вкупниот број вработени во овие два сектора.

Најдобро живеат, односно најмногу вработени во групата со нето-плата од над 45.000 денари се во секторот компјутерско програмирање, консултантски и сродни дејности, каде што 7.925 работници или 66,6 проценти од вработените во оваа дејност се во највисоката група примања. Во првите пет дејности во оваа група на нето-плата вработени се 27.376 лица, или 43 отсто во однос на останатите 80 сектори.

НЕТО-ПЛАТА НАД 45.000 ДЕНАРИ

 

Најмногу работници кои се во групата на плати до 20.174 денари се во секторот заштита и истражни дејности, каде што од 4.728 вработени – 28,2 отсто се во најниската група. Најмногу работници со плати од 20.175 денари има во секторот трговија на мало освен трговија со моторни возила и мотоцикли, и тоа 6.392 вработени.

НЕТО-ПЛАТА 1 – 20.174 И 20.175 ДЕНАРИ

 

Во прилог линк до целата анализа: https://pari.com.mk/skoro-60-procenti-od-rabotnicite-se-daleku-od-prosecnata-neto-plata/

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи