Гир: Сега е клучниот момент земјата да ја зграпчи можноста да се придвижи кон ЕУ

Евроамбасадор Дејвид Гир денес при неговата посета на Крушево истакна дека живееме во уникатен момент во историјата поради војната во Украина, при што и самата Европска Унија го разбира моментот на проширување, бидејќи самито тоа проширување носи стабилност и безбедност како на ЕУ, така и на Западен Балкан.

Според Гир, доколку земјава сака да се зачлени во ЕУ, процесот на реформи треба да се движи многу побрзо од моменталното темпо.

„Тоа значи дека многу брзо треба да се имплементираат реформите кои првенствено се во интерес на самите граѓани и се разбира тие се во интерес на придобивките кои самата земја и граѓани ќе ги почувствуваат кога ќе станат земја членка на ЕУ. Динамиката на спроведување на тие реформи не е толку брза колку ние би сакале, таа динамика треба да биде многу побрза, многу подинамична и тој процес на реформи бара сите чинители во земјата, вклучително и сите политички партии да седнат заедно и да се согласат дека тоа е врвен приоритет за земјата за да може што поскоро да се зачлени во ЕУ“, рече Гир.

Што се однесува на уставните измени евроамбасадорот смета дека прво треба да се демистифицира целиот тој процес со цел истиот да продолжи.

„Првата работа која би сакал да ја потенцирам што се однесува на уставните амандмани, тоа е суверена одлука која треба да се носи овде во самата земја и мислам дека тоа што треба да се направи е да се разгледаат сите предлози кои ќе произлезат од работната група за уставните амандмани и да се објасни експлицитно она што веќе стои имплицитно во самиот Устав, за да можат луѓето кои се самоидентификуваат како Бугари да можат да бидат вклучени во Уставот.

Всушност со самото придвижување напред вашата земја не го губи идентитетот, не го губи јазикот, ниту историјата, всушност искуството од тие земји кои се зачлениле во ЕУ е токму спротивното, како што земјата напредува на тој пат кон ЕУ, како зајакнува како земја, така идентитетот и јазикот на истата земја во рамките на ЕУ се засилува“, додаде Гир.

Според Гир земјата има огромна можност и тоа што треба да се подвлече е дека не треба да се пропушти оваа можност, напротив земјата треба да се придвижи напред кон ЕУ што е можно побрзо, затоа што оваа е цел која е реалистична и е достижна.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи