„Црнила ремикс“ утре на Могилата на непобедените во Прилеп

Музичко-драмскиот перформанс „Црнила ремикс“ во режија на Јордан Симонов, продукција на Младинскиот културен центар, в сабота (27 мај) во 21 часот ќе биде изведен на Могилата на непобедените во Прилеп. Гостувањето го организира МТФ „Војдан Чернодрински“, во чест на авторот во фокус Коле Чашуле, како најава на 57. издание на фестивалот, што ќе се реализира од 9 до 16 јуни.

„Гостувањето е подарок на театарскиот фестивал за својата публика во Прилеп. Како што Коле Чашуле го посвети името Могила на непобедените, така МТФ „Војдан Чернодрински” го посветува овој настан на нашиот автор во фокус Коле Чашуле“, вели Ана Стојаноска, директорка на фестивалот.

„Црнила ремикс“ е едно поразлично видување на класичното драмско дело на Коле Чашуле ставено во контекст на урбан хип-хоп албум. Музичко-драмски перформанс со несекојдневен пристап, со специфична актерска изведба, кој низ оригиналниот препев и музика на „Зад аголот“ нè носи во еден нов сублимат помеѓу драмата и хип-хоп супкултурата.

Претставата имаше премиера на 28 септември 2018 година. За музиката и препевот во претставата се погрижија Дарко Димитриески и Павле Димковски („Зад аголот“). Улогите ги толкуваат: Стефан Вујисиќ, Александар Михајловски, Владимир Петровиќ, Горан Ников, Ненад Анѓелковиќ, Сања Арсовска (Емилија Мицевска), Павле Димковски. Сценограф и костимограф е Илина Ангеловска. За видеото се погрижија Милан Блажевски и Борис Таковски.

Дизајнер на тон – Симон Кипровски, дизајнер на светло – Илија Тарчуговски. Графичкиот дизајн е на Бисера Михајловска, а за фотографијата се погрижи Кире Галевски. Продуцент е Русе Арсов.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи