ВИДЕО – Прилепските ученици изработуваа кукли со народни носии како дел од проектот „Мариовски народни носии, сега и овде“


„Мариовски народни носии, сега и овде“ е името на новиот проект на Заводот и музеј од Прилеп, каде четириесетина ученици од неколку основни и средни прилепски училишта изработуваа кукли во народни носии. Целта на проектот е запознавање, но и зачувување на македонското богатото културно и историско наследство. Од прилепскиот музеј велат дека се презадоволни од одзивот на учлиштата и желбата на младите да дел од овој проект.

„Овој проект има за цел да ги едуцираме сите возрасни групи од школска, средношколска, па и предшколска возраст да научат, да видат дека некогашните народни носии навистина се едно вистинско културно богатство. Буквално ја имаме македoнската народна носија од мариовскиот крај со сите делови од носијата Прилепската мариовска носија е една од најспецифичните од западно – македонскиот тип. Знаеме дека мариовската женска носија е најспецифична која се разликува од сите други по својата бројност на елементи, но и по својата тежина која е некаде околу 64 килограми и е многу тешка за изработување“, објаснува Горан Цветкоски, директор на НУ „Завод и Музеј“- Прилеп.

Според носителката на проектот Маја Ралева- Миладиноски младите со голема љубов се вклучиле во изработката на овие кукли со народни носии и покажале исклучително голема креативност при целиот процес. Целта проектот била да се покаже како нашите баби и дедовци работеле и дека и во тогашно време се труделе да бидат модерни и убави, а особено кога станувало збор за различните свечености и облеката која се носела за тие пригоди.

Проектот е замислен во 3 фази. Првата фаза ни беше едукација на учениците по училиштата, запознавање и еден вид предавње и на лице место да видат како изгледа таа носија. Дел имавме презентација, особено на тие женски шамии, турбани… Дел од учениците тука сами беа презентери на некој начин за да видат како сето тоа изгледа. Мислам дека овде се побуди најголемиот интерес спрема работилницата. Иако на почетокот ниедно од децата немаа претстава што ќе се работи, меѓутоа имавме еден пресврт кога дојдоа овде и нешто што не очекувавме, го добивме како резултат за многу кратко време. За неколку часа се зголеми интересот, се зголеми бројот на деца, тоа беше еден вид натпревар додека беа овде затоа што гледаа едни од други, си даваа идеи, тој момент баш беше задоволство да се види. Најмногу бројни беа од основните училишта, изненадувачки е колку покажаа интерес од најмала возраст да сакаат да се докажат и да си ја покажат својата креативност“, изјави Маја Ралева- Миладиноски, носител на Проектот „Мариовски народни носии, сега и овде“.

Куклите се изработувале исклучиво од природни материјали кои учениците ги добивале на самата Работилница која траела четири дена. За тоа време се изработиле 42 кукли со народни носии.

Мојата кукла содржи: коса од волница и некои други додатоци. Не беше многу тешко да се направи. Веднаш добивав инспирирација и многу лесно ги правам. Добивам нови и нови идеи. Половина час до час ми требаше за да ја направам куклата“, вели Еда Шкријељ, ученичка во СОУ „Ѓорче Петров“, текстилна струка.

 

Оваа кукла претставува дел од мојата фантазија за тоа како јас мислам дека е претставена мариовската носија за која што имавме презентација на училиште на часот по ликовно. Мислам дека е навистина интересно и сакав да си ја докажам мојата креативност со ова“, рече Меланија Спиркоска, ученик во прилепската Гимназија.

 

„Како уметничлки клас од Гимназијата, уметничко сум запишан, ме исполни кога го работев ова. Ми одзеде околу 2 часа. И можам да кажам дека тие два часа ги уживав и би учествувал и во друг проект“, кажа Давид Ристески, Гимназија „Мирче Ацев“, уметнички смер.

 Според професорите од текстилно-кожарската струка ваквите проекти биле од голема важност за стекнувањето на нови вештини и наобразба при практичната настава на средношколците.

За нас ваквите проекти се многу голем предизвик бидејќи учениците вештините и способностите кои ги стекнуваат и на часовите по практична настава ги изразуваат и ја истакнуваат својата имагинација и креативност. Со оглед на тоа што учениците учат за дизајн на облека, а исто така имаме и сегмент на народните носии, имаат воведни знаења и се едуцирани, ова беше надградба на нивните знаења, изразување на нивната креативност. Ние ја имавме таа чест да бидеме дел од овој проект и искрено уживавме“, посочи Јулијана Поповска, наставник по стручни предмети во текстилно-кожарската струка при СОУ „Ѓорче Петров“, Прилеп.

Овој проект е дел од годинашната Програма на прилепскиот Завод и Музеј, а одобрен од Министерството за култура. Дел од изработените кукли се планира да бидат оставени за музејот, а дел можеби да се продаваат во сувенирницата.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи