ВИДЕО – Македонија испиша историја – 3 место екипно на Светското во Франција во параглајдинг, дисциплина крос кантри


Македонската параглајдинг репрезентација во состав Мартин Јованоски, Дарко Станковски, Александар Гачевски и Ѓорѓи Ристовски постигна историски успех освојувајќи го третото место на Светското првенство, во дисциплината прелети, кое се одржа во Франција, во гратчето Шаму-сир-Желон во северниот дел на Алпите. На ова 18-то по ред Светско првенство учествуваа 150 натпреварувачи од 49 држави. Македонија досега нема освоeно медал екипно во дисциплината крос-кантри на некое Светско првенство. Единствениот медал освоен на Светско воопшто во воздухопловни спортови кај нас го има освоено Мартин Јованоски, прво место во 2007 година, поединечно, во дисциплината прецизно слетување.

„Македонија освои трето место, што е најголем успех во историјата на параглајдингот, никогаш немала Македонија медал од Светско првенство како екипа и ова е еден голем успех за македонската лига која го докажа својот квалитет и за нашите натпреварувачи“, Мартин Јованоски, параглајдерист.

Неизвесно било до самиот крај, до последните моменти на трката борбата била помеѓу Македонија и Чешка за третото место, а разликата на крајот била само 2 бода.

„И особено беше интересно тоа што поради специфичноста на скоринг системот неизвесно беше до самиот крај дали сме или не на подиумот, се одлучи буквално во последните моменти откако слетаа сите, ние не знаевме дали треба ние да честитаме или нас некој ќе ни честита и навистина беше како изрежирано сценарио, но на крај испадна дека го освоивме третото место тимски“, кажа Александар Гачевски, параглајдерист.

Нашите параглајдеристи велат дека ова е мотив за уште поголеми успеси во иднина.

„Овој успех е и мотивација за понатаму да се трудиме и да се вложиме во спортот, затоа што видовме дека можеме да постигнеме многу повеќе. Наредната година имаме Европско првенство во Шпанија каде бевме пред извесно време, го видовме местото, заклучивме дека сме како на домашен терен и имаме шанси за повеќе од овој успех“, додаде Дарко Станковски, параглајдерист.

Златниот медал му припадна на домаќинот Франција со 16.100 поени, а на второто место заврши Велика Британија со 15.517.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи