Упатувам апел за национално единство кое и е потребно на државата. Ова го велам поради тоа што Македонците постојано губат 32 години, и таквото поразително чувство веќе преминува во фрустрација. И таа фрустрација е последица на корумпираните политички елити, кои за да имаат успешни кариери го распродаваат народот, истакна на вечерашната трибина во Прилеп, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„За 32 години сменивме име, знаме, устав. Прифативме договор со Бугарија, нови откажувања, се проблематизираат најсилните темели на државата, јазикот, историјата сите важни атрубути кои не издвојуваат како народ. Сето тоа создава чувство на неправда кое преминува во фрустрација затоа што и ништо како народ не добивме. Затоа велам дека нема друга држава која дала поголема жртва од Македонија на патот кон ЕУ и време е да се обединиме околу најважната работа, а тоа е како да опстоиме како држава и како да почнеме да победуваме така што ќе ги оствариме стратешките интереси важни за нашите граѓани.
Кога е Македонија во прашање мораме да бидеме единствени со некорумпираниот дел политичката сцена на Македонија тоа значи дека покажуваме свесност и одговорност за состојбите во кои се наоѓаме и одговорност спрема народот кој очекува лидерство од политичарите.
Затоа што нема лева или десна, постои само една Македонија!
Не постои нешто како што е за уставни измени или изолација, туку единствено мора да има зачувување на идентитетот и фер шанса за влез во ЕУ.
Не постои европски фронт за Македонија или проруска Македонија, постои само Македонија со иднина кои сами ја градиме, со европска перспектива кои сами мораме да ја оствариме.
Не постои Македонија на СДС и ДУИ и Македонија на ВМРО-ДПМНЕ, туку постои само една Македонија. Ова е Македонија за сите. Македонија која е нашиот единствен дом. И затоа ни е потребен пакт за национално единство.
И во овој момент кажувам дека преставува измама тезата на Ковачевски или интеграција под бугарски диктат или изолација. Ниту еден фактор во оваа држава не посакува изолација која веќе ја имаме. И не може да се донесе нешто што веќе го живееме и во која подлабоко не втурна оваа власт. А она што е измама е фактот што кога Ковачевски ќе каже интеграција всушност мисли уставни измени и прифаќање на бугарските диктати за кои оваа наша Македонија и народ ги отфрла како понижувачки.
Она што ме разочарува и треба нив да ги порази како личности е сервилноста која ја покажуваат пред светот. Наместо да ја кодошат опозицијата и да се молат да ни прават притисоци кои се неприфатливи, треба да бараат од светот да добиеме подобри услови и фер шанса. Треба Ковачевски како премиер да побара од истата Европска Унија, Бугарија да примени барем неколку од над десетината правосилни пресуди од судот за човекови права кој нотира кршење на правата на македонците во Бугарија“, рече Мискоцки.