Во денешно време, патриотизмот се мери според она што сме го направиле за државата, за општината, за средината во која сме растеле и сме се граделе како личности. Притоа, со право, со посебен аршин се вага она што зад себе го оставиле најповиканите за тоа, оние чија визија и посветеност кон работата во голема мера ја одредува иднината на граѓаните – политичарите, вели во својот демант на прес конференцијата на ОК на ВМРО-ДПМНЕ, поранешниот пратеник и министер за транспорт и врски од редовите на СДСМ, Горан Сугарески.
Демантот го пренесуваме интегрално:
„Како некој кој бил дел од извршната власт во време кога и локалната власт во Прилеп била во рацете на СДСМ, ќе потсетам на дел од проектите кои со државни и општински пари беа реализирани на територијата на општина Прилеп:
- Изградба на клучка кај ТИРЗ „Прилеп“, вредност: 4.000.000 евра;
- Ревитализација на трансформаторска станица „Прилеп 1“, вредност: 1.100.000 евра;
- Реконструкција на стариот регионален пат Прилеп-Тополчани-Битола, вредност: 1.000.000 евра;
- Изградба на спортско-рекреативен комплекс кај Прилепското вештачко езеро, вредност: 850.000 евра, кој пропаѓа заради негрижата на локалните власти;
- Реконструкција на патот Прилеп – Вештачко езеро, вредност: 680.000 евра
- Изградба на патот Волково – Прилепец – манастир „Св.Никола“, вредност 500.000 евра.
Во периодот од 2017 до крајот на 2021 година, целосно беа завршени, или пак започна реализацијата и на следните капитални инвестиции и проекти, кои се од витално значење за граѓаните и стопанските субјекти од Општина Прилеп:
- Реконструиран храмот на фудбалот, Градскиот стадион „Гоце Делчев“;
- Изграден ИКТ Центар кај касарната „Мирче Ацев“;
- Изградена спортска сала во ООУ „Кире Гаврилоски“;
- Реконструиран булеварот „Гоце Делчев“;
- Од темел реконструирани Гимназијата „Мирче Ацев“ и медицинското училиште „Ѓорче Петров“;
- Значајни инвестиции во, без исклучок, сите основни и средни училишта;
- Целосна реконструирани 19 км од патот Прилеп-Фариш;
- Рехабилитиран патниот правец Лагово-Штавица-Витолиште во должина од 16 км;
- Во болницата „Борка Талески“ ставен во функција апарат за магнетна резонанца;
- Комплетна реконструкција на Полициската станица од Општа надлежност – Прилеп;
- „Самоилова“ и „Војводинска“, најважните сообраќајни артерии во населбата „Точила“ во должина од 2.100 метра, прв пат после нивната изградба добија нов асфалт;
- Рехабилитирани клучните улици во УЗ „Гоце Делчев“ „Петта Прилепска бригада“ и „Октомвриска“ во должина од 2.000 метра;
- Нов лик имаат и двата кеја „1 Мај“ и „9 Септември“;
- Изградени и реконструирани беа и „Целе Мавроски“ и „Мице Козар“, како и голем број улици во населбите Марино Маало, Тризла, Тризла 2, Вишне, Центар, Варош, Бончејца, Рид, Корзо;
- Реконструирана водоводна и канализациона мрежа во должина од 25, односно 5,5 км;
- Нова детска градинка во населбата Точила која актуелната локална власт нема капацитет конечно да ја доизгради и да ја стави во употреба, комплетно реновирани сите постечки објекти на ЈОУ Детска градинка „Наша иднина“;
- Асфалтирани патишта и улици, изградени водоводни и канализациони мрежи во населените места;
- Изградба на експресниот пат Прилеп-Градско, односно делниците Фариш-Дреново и Дреново-Градско.
Ова се конкретни показатели за реализирани проекти, километри изградени и рехабилитирани улици и патишта, водоводни и канализациски мрежи, новоизградени и реконструирани објекти, за време на моето извршување на функцијата министер во Министерството за транспорт и врски, како и на 48-месечниот мандат на претходната локална власт предводена од Илија Јованоски и СДСМ.
Деновиве се навршуваат 20 месеци, или точно 1/3 од мандатот на актуелната локална власт на ВМРО-ДПМНЕ. Имајќи го предвид фактот дека во тој период имаат реализирано НУЛА проекти и НУЛА проценти од изборните ветувања, споредбата помеѓу тоа што СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ го правеле и го прават за граѓаните на општина Прилеп, повлекувањето знак на равенство помеѓу едните и другите – ја губи секоја смисла!“, вели Сугарески.