ВИДЕО – „Утре можеш да бидиш и ти“ – протест на прилепските велосипедисти поради смртта на 42 годишната прилепчанка


Под мотото „Утре можеш да бидиш и ти“ прилепските велосипедисти одржаа мирен протест поради смртта на 42 годишната А.Ц. која пред 2 дена беше прегазена од автомобил додека го возела својот велосипед на улицата „Александар Македонски“. Велосипедистите се пожалија на големата сообраќајна некултура на возачите на автомобили, недоволното реагирање и заштита на велосипедистите и пешаците од страна на МВР и немањето на скоро никаква велосипедска инфраструктура во Прилеп. Особено упатија критики токму за патот каде загина 42 годишната прилчепчанка.

„Е таму тој пат помеѓу нас велосипедистите го викаме „Патот на смртта“. Се вози, се претекнува, се свири, како ние да сме криви. И ние велосипедистите сме учесници во сообраќајот. Ние почитуваме и знаци и лента и се, а тие ништо и ние сме загрозени. Велосипедска инфраструктура во градот нема, нема безбедно место каде повеќе да возиме, нема безбедни патишта, не знаеме каде да возиме, а да не бидеме или исвиркани или опцуени од некого или како во случајов прегазени“, истакна Даниел Гарбески, здружение на велосипедисти „Вело ЧЕ“.

Велосипедистите упатија апел до сите надлежни фактори, МВР, локалната самоуправа и сите институции поврзани со безбедноста во сообраќајот да преземат итни мерки за промена на оваа ситуација.

„Моментално безбедноста е на многу ниско ниво. На вчерашната „Критична маса“ имавме и случај каде бевме ние група од 15-тина луѓе, а возачите беа премногу агресивни кон нас, со долги свирења, со брзи и блиски претекнувања и треба да се подобри културата како на возачите, така и на велосипедистите, треба да продолжи едукацијата и мора сите да се чувствуваме безбедно“, рече Даме Дамески, „Прилеп на Точак“.

Во знак на протест велосипедистите поминаа пред полициската станица во Прилеп, како и пред зградата на локалната самоуправа, а се повозија и низ прилепските улици.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи