Денеска на 30-тата седница на Советот на Општина Прилеп се разгледуваше полугодишниот и годишниот извештај за работата на полициската станица од општа надлежност во Прилеп за 2022 година. Советот не го прифати извештајот на ПС Прилеп за безбедносната ситуација во градот за време на овој период.
„Полугодишниот извештај го носиме дури сега, односно Советот донесе одлука дека не го прифаќа извештајот на полициската станица за општа надлежност, причините добро ги знаете, би било добро и да ги потсетиме нашите сограѓани дека во тоа прво полугодие од 2022 година имаше сериозни нереди и нарушување на безбедноста во сообраќајот, нарушување на јавниот ред и мир, одреден број на запалени возила на високи функционери и во парламентот и локални функционери и менаџери на јавни претпријатија и останати општествени чинители. Имаше голем број на масовни тепачки и на тоа следеше таа акција која ја презеде МВР, односно привремена управа овде во полициската станица и носење на специјални единици кои имаа за задача да го вратат редот и мирот онака како што треба да биде. Правевме неколку обиди, точката ја поставувавме на неколку седници на Совет, но немаше присуство од командирот на полициската станица од општа надлежност, денеска беше присутен и тој, не удостои со неговото присуство, иако немо ја проследи седницата и не даде свој коментар и свое видување на извештајот, иако имаше еден сериозен број на советнички прашања кои што беа упатени кон него, но за жал не ја испочитува прилепската јавност да даде негово видување на настаните кои се однесуваат од неговата надлежност за работа и Советот и за полугодишниот извештај, односно извештајот и информацијата за безбедносната состојба за првото полугодие за 2022 година и годишниот извештај за 2022 година за работата на полициската станица од општа надлежност не ги усвои, односно ги одби затоа што сметаме дека ваквите извештаи кои содржеа само статистички податоци за кои советниците имаа сомнеж дека се на некој начин штимани за да изгледаат подобро во јавноста и се сметаме дека полицијата треба подобро да се екипира и да се грижи за безбедносната состојба на граѓаните и имотот во општина Прилеп“, рече Дејан Проданоски, претседател на Совет на Општина Прилеп.
Проданоски истакна дека командирот на ПС Прилеп немо ја проследи целата седница на Советот на Општина Прилеп, но не одговорил буквално на ниту едно од поставените прашања на советниците кои ги имало во голем број.
„Имавме напори да го обезбедиме прво неговото присуство, неколку пати ја поставувавме точката на дневен ред, но заради околностите во кои живеевме советниците и јас како претеседател на Советот ја тргавме точката од дневен ред затоа што сметавме дека треба да има присуство на командирот кој е најповикан да ја образложи состојбите во кои живеевме тој период во 2022 година и денеска неговот присуство беше немо, односно тој дојде, присуствуваше, затоа и точките поминаа на дневен ред, бидејќи единствениот услов кој што го имаа советниците од владеачкото мнозинство е да биде тука командирот присутен за да му ги поставиме сите отворени прашања кои до нас од граѓаните стигнаа, односно овие теми кои се од делокругот на работа на полициската станица од општа надлежност. И ви кажав, мој впечаток е дека чисто командирот беше тука колку да поминат точките на дневен ред и да си го исполни тој дел од обврската која ја има кон Советот. Извештаите за таква една сериозна состојба во која живеевме во првото полугодие од 2022 година и она што се случуваше во летните месеци кога имавме зголемено присуство на полициски службеници од МВР, имавме извештаи од 7 страни на кои чисто формално беа означени. Ако имало во 2021 21 сообраќаен прекршок, во 2022 имало 22 или 43, значи буквално пластично низ призма на бројки, а не со коментари она што е нивна активност, што се‘ направиле за да ја подобрат состојбата во градот. Беа прашани и за политизирањето на полициската служба, односно примањето на полициски службеници кои не го заслужиле местото и не се грижат доволно. Спомнавме неколку случаеви за кои сигурен сум дека прилепската јавност ја интересира, а тоа е немилиот настан на стариот регионален пат Прилеп – Битола, знаеме со немилиот настан со загинувањето на велосипедистката, понатаму информации дека има учесници од полициската станица во меѓусебна тепачка, го гледавте тоа по медиумите, не добивме одговор и за тоа. Има информација сега која проструи во јавноста за која беше прашан командирот дека полициски службеници биле инволвирани во транспорт на мигранти и биле фатени во полициска акција во соседна Република Грција. На ниту едно прашање од овие не добивме одговор. Еден од советниците исто праша и што се случува и кои се санкциите и дали воопшто има санкции со фамозната ХХХ група кој функционираше во предизборието, односно во 2021 година и не добивме одговор на ниту едно од овие поставени прашања од советниците“, додаде Проданоски.