Доцни изградбата на експресниот пат Прилеп-Градско. Според најавите патот требаше да биде готов оваа година во јули, а денеска пристигна ново ветување од Владата дека ќе бидел готов идната година ова време. Патот е поделен на три делници, Градско-Дреново, Дреново-Фариш и изградба на трета лента на Плетвар онаму каде што недостасува. Но ниту една делница воопшто не е при крај, а изградба на трета лента на Плетвар таму каде што нема и проширување на патот Прилеп до Ленишки мост засега нема ни во најава. Министерот за транспорт и врски не даде одговор кои се причините за доцнењето, ниту дали за тоа изведувачите ќе сносат пенали, само се пофали дека како што сега се градело тоа никогаш не било така.
„За само 2 години имаме преку 40% прогрес на овој пат, за да денеска дојдеме на 75% и нашите очекувања се дека со ваква динамика, вакво темпо ќе го завршиме на почетокот или најдоцна средина на 2024 година. Со што ќе биде пуштен во употреба“, истакна Благој Бочварски, министер за транспорт и врски.
Делницата Дреново-Градско долга 15,5 км, се гради со пари од ИПА фондовите, а денеска увид во градежните работи изврши и Евроамбасадорот Дејвид Гир, кој истакна дека од 2007 до денес ЕУ вложила во Македонија околу 500.000 милиони евра во разни инфраструктурни проекти, а многу повеќе пари и Фондови ќе ни се отвореле кога ќе станеме членка на ЕУ.
„Пример во Послка ЕУ ја финансираше изградбата на повеќе од 1.200 км. патна мрежа, во Литванијја 300 км. на железничка мрежа, во Бугарија 400 км. на автопатна мрежа и кога ќе се запрашате што значат овие бројки кои ги наведов тие значат повеќе работни места, подобрен животен стандард, зголемена трговија и поголеми деловни можности“, рече Дејвид Гир, Евроамбасадор во Македонија.
Кога е во прашање Пелагонискиот регион тука треба да се гради и автопатот Прилеп –Битола, но и од тоа нема засега ништо иако свечено беа поставени камен темелниците на коридорите 8 и 10Д, а компанијата Бехтел и Енка досега има добиено 167 милиони евра.
„Моментално се вршат геомеханичките истражувања на делницата Прилеп-Битола, Тетово-Гостивар и Гостивар-Кичево. Истовремено се подготвуваат и елаборатите за експропријација, денеска или утре ќе бидат одобрени и сите проектанти за проектирање на сите траси и патните коридори“, рече Ејуп Рустеми, директор на ЈПДП.
Инаку патот Прилеп – Градско е единствен пат кој ја спојува Источна и Западна Македонија, освен преку Скопје. Дневно од тука поминуваат над 6.000 возила.