Поради жешкото време во Прилеп повиците на терен за потреба од Итна помош се зголемени за 60-тина проценти, а зголемени биле и дневните амбулантските прегледи за 20 до 30 пациенти повеќе отколку во нормални услови. Најголемата потреба од Итната помош граѓаните ја имале во викендите кога не работат матичните лекари.
„Во викендите имаме премногу работа, што цела една екипа од тројца лекари, 4 сестри, тројца шофери стасува некако како се снајдува и можи. Доволно сме екипирани во овој момент, не пак ќе кажам дека со оглед на фактот дека се годишни одмори, мора и лекарите и сестрите да бидат на одмор, мора и шоферите да бидат на одмор. Се обидуваме некако да комбинираме од смена во смена па да ги опслужуваме сите пациенти и граѓани на Прилеп“, изјави Даниел Аврамовски, началник на службата за Итна помош-Прилеп.
Најчестите проблеми кои ги имале граѓаните биле вртоглавици, додека пак кај повозрасната група граѓани доминирале хроничните кардиоваскуларни и респираторни болести. Потоа зголемен крвен притисок, астма и хроничните белодробни болести, но тука биле и каснувањата од инсекти, змии и крлежи, а неколку пациенти со каснувања биле препратени со компликации на клиниките во Скопје.
„Кај нас на ова поднебје, посебно во Прилеп ја имаме најотровната змија поскокот, но не знаат да ни кажат добро граѓаните која змија бидејќи се во паника, така да кога ќе се јават, ова е и апел до граѓаните на Прилеп, кога ќе се јават правилно да одговорат на неколкуте прашања што ќе ги постават докторите од наша страна, затоа што разговараат со доктор и му требаат детални одговори на докторот за да знае што го очекува на терен кога ќе појде“, додаде Аврамовски.
Лекарите препорачуваат да не се излегува надвор непотребно во овој периоди граѓаните повеќе да се хидрираат.