ВИДЕО – Потребна е поголема афирмација и поддршка на Смилево од страна на државата


Патот до Крушево води преку Смилево, односно ако не се одржел Смилевскиот конгрес од 2 до 7 мај 1903-тата можеби и не би се подигнало Илинденското востание. Токму тука во Смилево, најзначајните личности на Илинденската епопеја ја носат тешката и значајна одлука за подигнување на Востанието. Но и покрај огромноto значење на ова место во македонската историја, тоа како да е подзаборавено од страна на државата во овие 30-тина години.

Главниот востанички штаб кој раководи со целото востание, составот Дамјан Груев, Борис Сарафов и Анастас Лозанчев е донесен тука, востаничкиот правилник како треба да се одвива целото востание е донесен тука, сите команди и сите наредби доаѓаат од тука. Демирхисарско е центарот на самото Илинденско востание“, истакна Славчо Велјаноски, историчар-археолог.

Скромно одблежување за 2 август тука прави само Општината, државна манифестација никогаш и немало, освен положување на цвеќе од страна на некој министер, па дури и тоа започнало да се случува само во последниве години под притисок на жителите, а претходно немало делегации на функционери.

Самите државни институции треба повеќе да се вклучат и да се прават едни поголеми манифестации кои ќе му дадат тежина на овој крај. А можеби со тоа и ќе го заживееме овој крај, можеби ќе станиме поголема туристичка дестинација и ќе привлечиме и туристи на тој начин“, додаде Велјаноски.

Она што е интересно и можеби помалку познат историски факт кај јавноста е тоа дека Смилево било подолг период слободно од Крушево, односно ако Крушевската Република траела 10 дена, Смилево било слободно од 2 до 28 август, односно 26 дена. На 28 август тука има голема битка каде 15 чети, односно 600 востаници се борат против 12 илјаден турски аскер. Битката се губи, а потоа селото е комплетно запалено и уништено.

И жителите на Смилево бараат поголема афирмација на нивното село.

„Веќе ако не може да се оди паралелно со 2 август, тогаш го имаме 7 мај ние во Смилево, може поголема тежина да му се даде на тој ден, тоа одбележување да е малку поорганизирано“, кажа Ѓорѓи Коштрески, вработен во Музејот во Смилево.

Со музејот, гробот на Даме Груев, Спомен паркот и многу други содржини Смилево останува чувар на нашата славна историја.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи