На 24.07.2023, понеделник од 20.00 ч. во фоајето на ЦК „Марко Цепенков“ концерт ќе одржи музичкиот состав Трио Долче.
„TRIO DOLCE“ е состав кој активно и успешно концертира на домашната и меѓународната музичка сцена. Формиран е во 2016-та година од академски, професионални музичари. Во изведувачкиот опус може да се најдат и се опфатени композиции од сите временски епохи.
Овој музички состав, во 2021 год. освои неколку меѓународни награди и тоа:
– Прва награда – „LAUREATЕ“ златен медал, на меѓународниот уметнички фестивал во Италија – „Future Stars“ на фондацијата Sopravista International Festoval – Contest, во категоријата Инструментална музика.
– Втора награда, во категоријата Инструментална музика за камерни состави, на еден од најпрестижните Меѓународни музички натпревари во Москва, Русија – International Moscow Music Competition / Second prize winners.
– Прва награда „LAUREATE“ на INTERNATIONAL ONLINE CONTEST “PROMETHEUS” – Болоња, Италија.
Музичкиот состав „TRIO DOLCE“, на реномираниот музички фестивал MUZIKALE DELLE NAZIONI – Concerti del Tempietto во Рим, Италија, минатата година одржа целовечерен концерт во Teatro di Marcello, а во септември истата година одржа целовечерен концерт во „Св.Софија“ во Охрид, во чест на Јубилејот на Митрополит Дебарско-кичевски Г-дин Тимотеј.
TRIO DOLCE го сочинуваат :
- Светлана Богданоска Ристоски – флејта
- Андријана Дукоска – виолончело
- Марија Шамоска Буџаковски – пијано.
Светлана Богданоска – Ристоски е родена во Охрид, каде што го започнува своето музичко образование во О.М.У.,, Методи Патче” – Охрид (класа: Н. Момировска). Средното образование го завршува во Средното Музичко Училиште во Битола (класа: П. Талевски). Дипломира на Факултетот за Музичка Уметност во Скопје (класа: Б. Станковска). Магистрира на Педагошкиот факултет во Битола, од областа на Образованието на надарени и талентирани, под менторство на проф. д-р Љ. Кеверески. Се усовршува на работилница и мастер-класи кај: Илија Зимбо (со кого има долгогодишна соработка), Луис Меирелес, Елена Стојчевска, Пјер Ив Арто, Гаспар Оџос, Џазмин Чои, Лаура Леваи Аксин, Дамјан Крајачиќ др. Има учествувано на државни и меѓународни натпревари, каде што ги има освоено следниве награди: Втора награда( прва не беше доделена), Јули 2002 год.-“Млади Таленти”-Сан Бартоломео ал Маре, Италија; Прва награда-Државен Натпревар-Април 2003; Прва награда (клавирско трио)- Државен натпревар за камерна музика-Април 2005; Прва Специјална награда-Државен натпревар-Април 2006; Прва награда-“Музички натпревар за млади”-Приштина 2007 и др. Во моментов работи како наставник по Музичко Образование во ООУ,, Дебрца” – Општина Дебрца и професор по флејта во Музичкото училиште во Струга.
Андријана Дукоска е родена во 1987 година во Прилеп. Средно Музичко училиште завршува во 2006 г. во Битола, во класа на Проф. Панде Тунтевски, како музичар изведувач – Виолончелист. Своето Високо образование го продолжува на Факултетот за Музичка Уметност во Скопје, во класа на Проф. м-р Живко Фирфов, а го завршува во 2010 г. со највисока оценка, со што се закитува со титулата Професор по Виолончело. Учествувала на повеќе државни натпревари и е добитник на: втора државна награда за соло виолончело во 2004 г. и прва државна награда за камерна музика во 2005 г. Учествувала на мајсторски часови и семинар кај светски познатиот и маестрален виолончелист Јоханес Мозер – Германија. Настапува на многу значајни и културни манифестации низ државава, соло изведби на свечено отворање изложби и промоции на книги, бројни настапи како член во гудачки квартети, камерни и симфониски оркестри и е добитник на повеќе први меѓународни награди (LAUREATE) во Италија и Русија, како член, виолончелист во пијано-трио „TRIO DOLCE“, со кое реализирале целовечерен концерт на Фестивалот „Festival Musicale delle Nazioni“ во Рим, Италија. Работела како Наставник по Музичко образование и Оркестар во повеќе основни училишта во Прилеп. Во моментов работи како Образовен Асистент на дете со попреченост во развој.
Марија Шамоска – Буџаковски е родена во Битола, каде го завршува основното и средното музичко училиште,во класата на м-р Ана Стефановска. Потоа се запишува на факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на м-р Милица Шперовиќ – Рибарски, кај која ги завршува и магистерските студии и се стекнува со звањето Магистер. Учествувала на повеќе државни и меѓународни натпревари и е добитник на повеќе награди. Учествувала на семинари кај познати пијанисти. Настапувала на повеќе значајни културни манифестации како: ”Денови на македонската музика”, ”Денови на полската култура во Македонија”, ”Ресенско културно лето” ”Денови на битолска ликовна колонија во Скопје”, ”Музички вторник”, ”Хераклејски вечери”, ”Интерфест”, ”Битолско културно лето”, “Прилепско културно лето” и др. Во 2017 и 2018 година одржала сопствени семинари и предавања на теми од областа на пијанизмот и пијанистичката педагогија во склоп на “ЕПТА” пијано – фестивалот и во склоп на културната програма на О. Новаци. Дел е од основачите на здружението на пијанисти.