ВИДЕО – Водовод на Трескавец – се работи на ископи за потисниот цевовод и изградба на каптажата


Во тек се долгоочекуваните градежни работи за изградба на водоводот на манастирот Трескавец. Моментално се работи на ископи за потисниот цевовод и изградба на каптажата во стариот манастирски расадник која треба да ги собира околните извори со вода, а потоа водата со пумпа да се качува горе до манастирот каде треба да биде изграден резервоар. Според проценките изворите за вода треба да ги задоволат новите зголемени потреби на манастирот кога ќе се отворат и новите конаци за посетители.

„Во проектната документација е земено изворот да е 0,5 литри вода во секунда, сега тука плус е и тоа што во еден дел самото место е водорично и тука со самата дренажа ќе се прифатат и тие води и се смета дека во влажен период ќе има и 1 литар вода во секунда“, истакна Николина Руфческа, надзор на проектот од ЈП за ПУП Прилеп.

Резервоарот ќе биде поделен на две комори, една за вода која ќе се користи за секојдневните потреби на манастирот, а друга која ќе биде постојано полна и ќе служи како вода за потреба доколку се појави пожар.

„Резервоаров е посебен со 2 комори, пожарна вода, таа секогаш ќе си стои како резерва и нема да се троши како санитарната вода во случај на пожар. 43 кубни метри е санитарната вода и 43 кубни метри е пожарната вода. Исто така предвидено е е и хлорирање и пречистување на водата за да може истата да се користи“, додаде Руфческа.

Од прилепскиот Завод и музеј велат дека и тие учествуваат во изградбата со тоа што до сега не се најдени археолошки артефакти на трасата каде ќе поминува водоводот.

„Нашиот стручен надзор досега е активно вклучен во изведбентите работи и нема најдено некакви предмети или артефакти кои можат да го загрозат моментално текот на изградбата, се работи за траса која што нашиот стручен тим ја разгледа“, кажа Горан Цветкоски, директор на Завод и Музеј – Прилеп.

Средствата се водоводот се обезбедени од ТАВ Македонија, во висина од околу 100.000 евра, а со дополнителни 3 милиони денари учествува и Општина Прилеп. Се очекува изградбата да трае до крајот на годината.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи