Наш соговорник денеска е Александра Оровчанец, фитнес инструктор од Прилеп, која деновиве излезе со една навистина хумана и благородна идеја, а тоа е да дава бесплатни тренинзи за луѓето болни од рак, додека ја примаат хемотерапијата.
Госпоѓо Оровчанец, пред да преминеме на оваа тема, за оние гледачи кои не ве познаваат доволно, која е Александра Оровчанец, со што се занимава и колку време?
Здраво, пред се‘ драго ми е што присуствувам во вашава емисија. Инаку Александра Оровчаец е дипломиран професор по физичко образование, спорт и здравје, фитнес инструкторка во фитнес студиото „Ана фит“ веќе 9 години во Прилеп и со оваа хумана идеја дојдов на сам ден Богородица, на прекрасен наш празник, после долго истражување, да им се даваат бесплатни часови на сите заболени од рак, за време на хемотерапија. Многу многу научни истражувања од многу институти и факултети, Харвард и Оксфорд, други асоцијации поврзани со канцерот, според сите истражувања се докажа дека вежбањето е прилично многу добра придобивка за сите лица кои се борат со оваа болест, за време на болест и после третманот на болеста. Поради таа причина одлучив дека е неопходно во оваа држава малку да се поткрени свеста за физичката активност, за неопходноста на физичката активност, како на сите нормални лица, така и на лицата заболени од рак, пред се‘ поради тоа што има премногу придобивки. Една од придобивките е намалување на заморот кој е прилично многу честа појава кај сите лица кои примаат хемотерапија. Покрај тоа има многу придобивки и за борба против депресијата, анкциозноста, подобрување на кардиоваскуларниот систем, респираторен систем, подобрување на мускулната сила, на кондицијата, на расположението порадиу хормоните кои се лачат за време на вежбањето и ред многу други работи.
Колку ова се практикува во странство, а колку кај нас?
Во странство прилично многу се практикува, од тука дојдов и до идејата, бидејќи читав дека премногу болници во Америка, Велика Британија, Германија и други големи држави веќе како дел од третманот им препишуваат на сите пациенти да бидат и физички активни, зборувам за умерена физичка активност, лесна физичка активност, во зависност од претходната физичка подготвеност на пациентите, како и физичката подготвеност за време на хемотерапијата откако е почната. Влијаат тука Х фактори кои влијаат врз интензитетот на вежбањето за кое пациентот треба да го работи, но се препишува рамно со секоја хемотерапија и 150 минути најмалку физичка активност во текот на неделата. Кај нас реално многу случаевитпо сум имала што поминале низ тој тежок процес, не се препишува таков вид на подготовка, или дел од терапијата, бидејќи со самото вежбање колку повеќе кислород влегува до сите ткива, така подобро хемотерапијата, т.е. лекот што го примаме со хемотерапијата да стаса до сите ткива во човековиот организам и да го таргетира ракот во најбрзо можно време. Придобивкиве од вежбањево да ги имаше некој измислено во апче, сигурно секој доктор би го препишувал на секој еден пациент, но за жал се уште се нема измислено апче каде може да ги сместиме сите бенефити од вежбањето во една пилула и да може да им се препишува на пациентите. Тоа мора сами да се потрудиме и да посветиме време за нашето здравје пред се и за здравјето на сите околу нас.
Дали други фитнес студија во Македонија ја практикуваат оваа идеја?
Реално не сум запозната, немам многу сретнато македонски портали кои би пишувале за ваква иницијатива во Македонија, но сите истражувања кои ги правам ги правам на англиски јазик и реално голем број на болници и асоцијации кои се занимаваат со борба против ракот, во прирачникот на сите пациенти за време на хемотерапијата ја препишуваат и неопходноста за физичката активност.
Она што е исто така интересно, освен во вашето студио „Ана фит“, оној кој сака да биде дел од овој тренажен процес може тоа да го направи и онлајн?
Точно така, не се ограничени само пациентите од Прилеп да можат да вежбаат, сите тренинзи одат онлајн истовремено со физичкото присуство, така да сите останати од другите градови кои се заинтересирани и имаат желба да си го подобрат сопственото здравје може слободно да се приклучат. Одат на Скајп сите тренинзи, така да добредојдени се сите од цела Македонија.
Како може некој да ве контактира, дали преку телефонски број, дали преку социјалните мрежи?
Може да ме контактира и на социјалните мрежи, на Инстаграм анафит.мк, на фејсбук анафит.мк, но имам и сопствена веб страна анафит.мк, така да прилично лесно може да стапи во контакт со мене, но и телефонски сите се добредојдени да ми се јават во секој можен момент и подобро да искомуницираме и подобро да им објаснам.
Дали веќе ја имате подготвено таа програма за овие лица, како и колку може да тренираат?
Секое лице, секоја индивидуа е различна. Не може една програма да биде конкретно поврзана за сите лица, како што реков, сите имаат различен степен на физичка подготвеност претходно, како и за време на хемотерапијата, па поради тие причини се оди индивидуално, затоа што има луѓе кои се поспремни и можат да работат одреден дел на вежби, но има луѓе кои што се почетници и тие вежби кои не можат да ги работат им ги заменувам за други вежби кои се со полесен интензитет, таргетираат друга мускулна група и така се поклопуваме со барањата и потребите на сите пациенти.