Грчкиот концесионер со сопствени средства ќе ја гради ХЕЦ „Чебрен“, а државава наместо парични средства ќе ја отстапи на негово користење и ХЕЦ „Тиквеш“. Според министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова, затоа што двете хидроцентрали ќе бидат на иста река, односно поради нивната близина, тие ќе функционираат како еден систем.
„Државата по изградбата на хидроцентралата „Чебрен“, ќе го даде за уделот којшто го има, преку хидроелектраната „Тиквеш“, којашто е постојна во државата и којашто ќе се поврзе на хидроелектраната „Чебрен“. Тоа е вогот на државата, не е влогот во пари. ХЕЦ „Тиквеш“ го даваме на ХЕЦ „Чебрен“ и да го оперира како еден систем, а грчката компанија, понудувачот, треба прво да обезбеди дозвола за вода, според Законот за води, а потоа ќе се потпише договорот за концесија. Самата ќе инвестира средства“, рече Шукова.
Појасни дека 33% од влогот е на државата, додека 67% паѓаат на инвеститорот.
„И утре кога ќе се исплаќа дивиденда, државата ќе земе 33 отсто, 67 се на инвеститорот. По 60 години, по завршување на концесијата целиот комплекс, сѐ она што ќе биде изградено, останува на државата“, додаде Шукова.
Според министерката најбитно е тоа што државава ќе има предност при откупот на електичната енергија, по берзаснак цена.
„Она што е битно за нас, е кога ќе се склучува концесискиот договор ќе ни биде битно предимство за користење на електрична енергија да има државата, потребите на државата, секако по пазарна цена, а потоа да може да се дава на други потрошувачи, истакна министерката.
Според Шукова, бидејќи станува збор за грчка компанија, Македонија ќе има можност да се врзе во енергетскиот систем преку Грција, а потоа и со сите токови на електрична енергија коишто можат да го опслужуваат регионот.