Оваа година се набројуваат 70 години од започнувањето на истражувањата на античкиот град Стибера, кој што е од исклучително значење за културата не само за општина Прилеп, туку и за Македонија. Станува збор за град кој постоел од 3 век пред наша ера, па се до 4 век од наша ера и кој претставувал центар со околу 20.000 жители, што во денешни рамки би било еквивалент на една метропола. Во Стибера се откриени преку 30 мермерни скулптури, но за жал досега е истражено само околу 5% од античкиот град и според археолозите околните ридови се уште ги кријат театарот, храмовите и други импозантни објекти кои чекаат да бидат откриени.
Токму поради тоа, третото издание на „Вело тура за култура“ во организација на Здружението „ПЛАТФОРМА ЗА КРЕАТИВНИ КОНЦЕПТИ“ од Прилеп ќе биде посветено токму на овој локалитет.
„Рекреативната и едукативна велосипедска тура ќе започне од поставката на отворено, односно Лапидариумот кој што се наоѓа во склоп на „Завод и музеј Прилеп“, каде што учесниците ќе може да се запознаат со дел од пронајдените артефакти како во локалитетот “Стибера“, така и во другите археолошки локалитети на територија на општина Прилеп, а повеќе за нив, нивното значење, но и за поставката воопшто на учесниците ќе биде презентирано од страна на стручно лице вработено во „Завод и музеј Прилеп“.
Потоа се упатуваме кон самиот локалитет каде ќе продолжиме со предавањето за значењето на Стибера, но и самите ќе имаме можност да се увериме за каков град станувало збор. Се движиме по стариот пат за Битола, односно преку Ново Лагово, Беровци, Тополчани и Тројкрсти се упатуваме кон Чепигово во чија близина се наоѓа и локалитетот Стибера. Покрај предавањето, на самиот локалитет ќе биде поставен и пункт за освежување на учесниците на турата. „Вело тура за култура“ потоа продолжува кон Пашино Рувци, Боротино, Кадино Село, Галичани и преку Ново Лагово повторно се враќаме во Прилеп, каде што и завршува. Станува збор за средно тешка тура, долга околу 50 километри, која е 100% асфалт и е погодна за секаков вид на велосипеди“, велат организаторите.
„Вело тура за култура“ претставува рекреативна и едукативна велосипедска тура која што има за цел посета, но и промоција на прилепските споменици на култура, археолошки локалитети и музеите со нивните поставки.