Од 1-ви октомври стапи на сила договорот меѓу операторите на ЕУ и операторите на Западен Балкан за намалување на цените на роамингот. Тоа значи дека нашите граѓани и бизнисот кога ќе одат надвор, ќе имаат помали трошоци за 30% и обратно, изјави денеска министерот за Информатичко општество и администрација Азир Алиу.
Според него, операторите деновиве ќе излезат со пакети кои ќе ги понудат.
„Дефинирани се активности при што во 2026 година исто така ќе има намалување за 30%, а во 2028 година, цените на роаминг ќе бидат истите како на домашниот пазар, односно како истите цени во ЕУ“, потенцира Алиу, додавајќи дека ова не е субвенција од државата.
Според министерот, сите оператори се согласиле да ги намалат цените.
38-те телекомуникациски оператори во ЕУ и Западен Балкан, лани на Самитот ЕУ-Западен Балкан, потпишаа декларација за сообразност, за значително намалување на јазот помеѓу роаминг тарифите и домашните цени меѓу ЕУ и земјите од Балканот.
Оваа иницијатива ќе го намали јазот помеѓу роамингот и домашните цени меѓу ЕУ и земјите од Западен Балкан.