По повод големиот национален празник 11 Октомври партијата Левица организираше трибина во киното Мис Стон во Прилеп, а претходно нивна делегација оддаде почит на Могилата на Непобедените и го посети Участакот. Пратеникот од оваа партија, Борислав Крмов, кој беше присутен денеска во Прилеп истакна дека сега борбата за Македонија продолжувала на малку поинаков начин за разлика од минатото, но ќе продолжела се до конечна победа.
„Овој празник во минатото беше потиснат особено кога на власт беше ВМРО-ДПМНЕ и сега мислам дека токму под притисок на Левица се враќа и овој празник е еден од најголемите на македонскиот народ, празник на борбата, на востанието и пораката генерално е таа. Ние сега мораме да продолжиме да се бориме на малку поинаков начин, борбата е поинаква, но борбата продолжува. Ќе се бориме се до конечна победа“, истакна Крмов.
Во однос на тоа кој е нивниот став по однос на најновите анкети Крмов рече дека Левица никогаш не нарачувала анкети, тие стигнувале од едната или од другата политичка партија, но според него сите тие анкети не сакале да го прикажат вистинскиот рејтинг на Левица.
„Левица не нарачува анкети, тие стигнуваат од едната или од другата политичка партија. Ниту на едните ниту на другите не им е во корист да го прикажат вистинскиот рејтинг на Левица. Мислам дека секаде сме спуштени, дури и на анкети каде сме спуштени мислам дека солидно котираме така што очекуваме одлични резултати на претстојните парламентарни избори“, додаде Крмов.
Во однос на претстојните избори сметаат дека и парламентарните и претседателските избори треба да се одржат во ист ден, пред се да се заштедат пари. А во однос на уставните измени истакна дека тие никогаш нема да гласат за нив.
„ Уставните измени и овие и претходните, зборуваме за Преспанскиот договор, не беа дел од ниту една изборна програма. Тоа се процеси кои се туркаат шверцерски во Собранието. Така што ќе видиме дали ќе поминат. Јас повеќе инклинирам на кај не, но има притисок кај најголемата опозициона партија или условно опозициона партија да потклекне. Но ќе видиме тоа зависи од нив. Ние за нас знаеме дека ништо на оваа земја не може да не натера да гласаме“, рече Крмов.