Точно две години после локалните избори, констатацијата на прилепчани е јасна и недвосмислена: Борче Јовчески е најслабиот градоначалник во историјата на Прилеп! Двегодишното владеење на Јовчески и ВМРО-ДПМНЕ е најголемата елементарна непогода која било кога ја зафатило територијата на општина Прилеп, истакна на денешната прес конференција Зоран Пачешкоски – Претседател на ОО при СДСМ Прилеп.
Прес конференцијата ја пренесуваме во целост.
„Она по што градоначалникот на ДПМНЕ ќе остане запаметен, е фактот дека тој е единствениот “татко“ на градот кому му успеало од неговата листа на желби наречена „изборна програма“, во 24 месеци да не реализира ниту еден единствен проект!
Ги нема ветените катни гаражи, ниту трите кружни текови кај Табана, Тинекс и новата автобуска станица.
Сообраќајната инфраструктура во градот е под секое ниво – дупките на улиците станаа кратери, а наместо најавената борба со бесправно изградените објекти, пред очите на Јовчески, во централното градско подрачје никнуваат дивоградби.
Голема лага на Борче Јовчески се бесплатниот оброк за сите ученици до четврто одделение и бесплатните униформи за учениците од социјално загрозените семејства.
Мртво слово на хартија останаа ветувањата за реконструкција на Старата прилепска чаршија, амфитеатарот во Варош, плоштадот „Александрија“ и „Арт“ плоштадот пред „Марко Цепенков“, спортските игралишта и парковските површини.
ВМРО-ДПМНЕ и Јовчески ги излажаа и жителите на населените места кои не ги добија ветените детални урбанистички планови, малите акумулации за напојување на стоката, а светлото на денот не го видоа ниту помпезно најавените водоводни и канализациони системи.
Наместо помош, на маргините ги оставија спортските клубови, меѓу кои и прилепската гордост – фудбалскиот клуб „Победа“.
Не само што за две години не успеаа да реализираат ниту едно изборно ветување, туку ВМРО-ДПМНЕ и Борче Јовчески покажаа крајна неспособност да ги завршат започнатите проекти од претходната локална власт на СДСМ.
Меѓу нив е и детската градинка во населбата „Точила“, која се уште не ги отворила вратите за 250 дечиња од градот.
Но затоа постојат неколку работи кои градоначалникот Јовчески и преседателот на Совет и прв човек на ДПМНЕ, Дејан Проданоски не им ги ветија на прилепчани, а со чија реализација „пријатно“ ги изненадија своите сограѓани.
Тоа првенствено се однесува на драстично зголемениот данок на имот, за кој граѓаните на Прилеп ќе плаќаат суми и до 5 пати повисоки од досега.
Тука спаѓа и веројатно најголемата лага на ВМРО-ДПМНЕ, со која наместо намалување на сметките за вода, дојде до нивно зголемување.
Нови цени повисоки за 67 отсто добија услугите на „Комуналец“, а поскапеа јавниот градски превоз и паркингот.
Заокружувањето на катастрофата наречена „две години општинска власт на Борче Јовчески и ВМРО-ДПМНЕ“, се случи со нарушувањето на 20-годишната традиција и откажувањето на „Пивофест“.
Почитувани сограѓани, неспособноста на актуелниот градоначалник и владејачкото мнозинство во општинскиот Совет да одговорат на потребите на граѓаните е видлива во секоја сфера на нашето живеење.
Од тие причини, во текот на следните денови ќе одржиме серија на прес-конференции, со кои уште еднаш ќе укажеме на последиците кои граѓаните на општина Прилеп ги трпат заради нефункционирањето на локалната власт предводена од Борче Јовчески и ВМРО-ДПМНЕ“, рече Пачешкоски.