ВИДЕО – Грашеска Илиеска: Поради некадарноста и безидејноста на Јовчески 3 години по ред се носат исти развојни програми, кои никако да се реализираат


На месец и пол пред крајот на 2023 година, на 45 дена пред гласањето на Буџетот за следната 2024 година, Советот на Општина Прилеп ќе носи ребаланс на Буџетот за тековната година. Ова е најдобриот доказ за неодговорното и недомаќинското работење на локалната власт на чело со ДПМНЕ и градоначалникот Борче Јовчески, како и за нивното двегодишно лошо и нестручно менаџирање на парите на граѓаните, истакна на денешната прес конференција Моника Грашеска Илиеска, советник од СДСМ.

„Предложениот ребаланс истовремено го открива целото лицемерие на Јовчески и ДПМНЕ и ги разобличува нивните лаги за односот на централната кон локалната власт. Имено, се работи за ребаланс, дотации од Владата кон Општина Прилеп се зголемени за повеќе од 48 милиони денари, или за близу 800 илјади евра. Наспроти  тоа, буџетските приходи на основниот буџет се намалени за 8.5 милиони денари. Градоначалникот Јовчески треба да има доблест и да признае дека сето она што се прави во училиштата е резултат на владините блок дотации, кои за основните општински училишта се повисоки за 500.000, а за средните училишта за 200.000 евра.

Наместо за проекти од интерес на граѓаните, ДПМНЕ и Јовчески од општинскиот буџет трошат 450.000 евра за нови, привремени вработувања на партиски војници, роднини и пријатели. Се кратат пари и за трипати најавената градежна офанзива, лага која се распрсна како меур од сапуница.

Со месеци наназад прилепчани реагираат дека и покрај тоа што редовно плаќаат улично осветлување, градот е потонат во црна темница.  Ребалансот на Буџетот кажува дека не само што состојбата нема да се подобри, туку ќе оди на полошо, бидејќи градоначалникот и ДПМНЕ ги намалуваат средствата за јавно осветлување дури за 8 пати, од 3.1 милион на 400.000 денари.

Она што неизбежно треба да се потенцира е кршењето на законите од страна на градоначалникот при подготовката на предлог планот на развојните програми. Конкретно, иако во Законот за буџет е децидно кажано дека програмите за развој пред Советот на Општината се доставуваат најдоцна до 20 октомври во тековната година, Јовчески го прекрши законскиот рок за повеќе од 20 дена.

За да биде трагикомедијата поголема, надминување на законскиот рок не беше заради изработка на нови проекти во функција на подобрување на условите за живот во градот и населените места, напротив, нема нови проекти и нема нови идеи.

Благодарение на некарноста и безидејноста на локалната власт на ДПМНЕ на градоначалникот Јовчески и неговата паралелна администрација, трета година со ред до општинскиот совет се доставуваат истите развојни програми, кои никако да го здогледаат светлото на денот. Меѓу нив е се разбира и легендарната катна гаража ветена за изградба во 2022 година, во 2023 и сега повторно во 2024 година.

Почитувани сограѓани, од оваа локална власт толку!“, рече Грашеска Илиеска.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи