ВИДЕО – За 2 години во Прилеп запалени 23 возила, само за 5 случаи се откриени сторителите


Во периодот од 01.01.2022 година до денес во Прилеп намерно се опожарени 23 возила од кои кај само 5 се откриени сторителите. Најмногу возила биле опожарени во 2023, дури 12, во 2022 година се опожариле 9 возила, а во месец јануари годинава 2 возила. Градоначалникот Јовчески бара преземање на посериозни мерки од полицијата за заштита на граѓаните.

Вакво нешто е недозволиво! Апелирам до Министерството за внатрешни работи итно да ги преземат сите потребни мерки за заштита на граѓаните. Наша основна обврска е да направиме се што е потребно секој жител да се чуствува безбеден и сигурен во сопствениот град“, вели во својата реакција градоначалникот Јовчески.

И граѓаните велат дека се чувствуваат небезбедни. Обвинуваат дека сторителите при голем број криминални дела не се откриваат.

„Ништо тоа е беззаконие што да ти кажам, никој не води сметка за ништо, нема власт, нема закон нема ништо. Не се чувствувам безбедно“’, вели еден граѓанин.

 

„Како да се чувствувам безбедно мене имотот ми го запалија летоска горе на Шаторов камен и досега сторителите не се пронајдени“, додаде друг граѓанин.

 

„Нема ниту да се најдат виновниците кај нас, на истата мака сме сите, еве кај мене дома ми влегоа имав кражба полицијава ништо не откри. Бадијала е сето тоа, доѓаат прават снимки никој ништо не кажува. Само Господ да не чува“, истакна трет граѓанин.

И пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Петар Ристески, на кого во 2022 му беа запалени 2 возила вели дека досега истрагата немала никаква разврска. Обвинува за спрега меѓу криминалците и власта.

„Овие девијантни појави, опожарување на возила, ова нарушување на безбедносната состојба во градот се одразува на целокупното живеење, се одразува на економското живењее и напредок. Замислете кој инвеститор би сакал да инвестира во град каде се опожарува по едно возило месечно, каде цвета рекетот, митото, корупцијата и сето тоа со поддршка на власта, во спрега со корумпираното судство, обвинителство, кое гледаме дека во Македонија е со рејтинг скоро нула“, истакна Петар Ристески, пратеник.

И од ТППЕ Прилеп велат дека во последните години се зголемени интервенциите за гаснење на опожарени возила дали тие биле во дефект или намерно запалени.

„Статистички 2023 е најголема по бројот на запалени моторни возила или вкупно 31, во 2022 имаме вкупно 30 опожарени возила, а во 2021 имамем 27 возила. Изминатите години е помала бројката. Последниве години значително е поголема бројката на запалени моторни возила. Ние причините не ги знаеме треба да тоа и го открие МВР, ние сме само ТППЕ која што ги гасни тие возила. Не секогаш причините се човечки фактор, некогаш е дефект на самото возило и други последици“, вели Кристијан Момироски, командир на ТППЕ Прилеп.

За останатите нерешени случаи на опожарени возила од СВР Битола велат дека преземаат интензивни мерки и активности за нивно расчистување.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи