Владата нема да ја продолжи мерката на гарантирани цени – дали следува ново покачување на цените на производите?

Од први март ознаката „гарантирана цена“ ќе биде отстранета од оризот, брашното, белиот и полубелиот леб, тестенините, млекото и млечните производи, месото и сувомесните производи, јајцата, бисквитите, пијалаците…

Министерството за економија нема да ја продолжи мерката за гарантирани цени која завршува на крајот на месецов, туку, како што најави ресорниот министер Крешник Бектеши, ќе го чека носењето на законот за забрана на нефер трговски практики со кој, според него, ќе се стави ред во нелојалната конкуренција во трговијата и ќе доведе до намалување на цените на прехранбените производи.

„Очекуваме ова законско решение, кое е целосно усогласено со европската регулатива и е со европско знаменце, да биде усвоено во најкраток можен рок. Со законот очекуваме да се намалат цените на прехранбените и земјоделските производи“, изјави Бектеши

Мерката „гарантирана цена“ која ја воведе Владата во втората половина на септември минатата година како замена за замрзнување на цените опфаќаше дваесетина категории продукти како ориз, пченично брашно тип 400 и 500, бел и полубел леб и други пекарски производи, бисквити, тестенини, јунешко, свинско и пилешко месо, неколку сувомесни производи, млеко, кисело млеко и јогурт, кравјо и мешано сирење и кашкавал. Гарантирани цени подоцна се воведоа и на пивото, газирани и негазирани сокови, минерална и обична вода.

Утре истекува и владината мерка со која царината се ограничува на 10 отсто за увоз на кромид, праз, карфиол и брокула, салата, моркови, модар патлиџан, тиквички свежи домати краставици и пиперки што дополнително може да ги зголеми цените на пазарите и маркетите.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи