Македонските граѓани ќе може да патуваат во Босна и Херцеговина (БиХ) со лични карти, соопшти дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев по телефонскиот разговор што утрово го имал со министерот за безбедност на БиХ, Ненад Нешиќ, во кој разговарале за ова прашање.
„Со министерот Нешиќ разговаравме во насока на тоа во Босна и Херцеговина да може македонските граѓани да патуваат со лични карти, почитувајќи ја Спогодбата помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Советот на Министри на Босна и Херцеговина за условите за патување на државјаните на двете земји, потпишана во 2018 година“, вели Бојмацалиев.
Тој потсетува дека граѓаните на земјава можат да патуваат во Србија, Албанија и Косово со лични карти со старото уставно име.
„Во оваа можност го истакнав значењето на градење мостови со пријателските земји и оваа можност е во рамките на засилената соработката и унапредените односи помеѓу Република Северна Македонија и Босна и Херцеговина во изминатиов период, а истата пракса е веќе воспоставена и со Република Србија, Албанија и Косово каде што се дозволува влез со лична карта со старото име на државата“, додава дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи.
Босна и Херцеговина засега е единствената земја која писмено извести дека не дозволува движење – влез и излез од нејзината територијата за македонските граѓани кои имаат валидни пасоши со старото уставно име на државата.