Пензионерите од први март ќе имаат покачување на пензиите само за 5 проценти, ова утринава го изјави министерот за труд исоцијална пиолитика Ѓоко Велковски.
„Добиени се сите податоци од статистика, веќе е направена пресметката. Јас тоа не би го кажал зголемување, бидејќи 5% колку што покажуваат бројките на условно кажано покачувањето на пензиите, што треба да бидат исплатени во петок ќе биде како дополнување на нивните пензии“, рече тој.
Во согласност со новата Методологија, усогласување на износот на пензиите се прави двапати годишно во март и во септември, врз основа на податоците од Државниот завод за статистика за трошоците на живот и просечната плата.
Најниска пензија со септемвриското зголемување изнесува 12.527 денари, а највисоката 73.502 денари. Тоа значи дека пензионерите со најниска пензија ќе добијат 626 денари покачување, а кај оние со највисока пензија зголемувањето е за 3.675 денари.
Пензионерите не се задоволни од последните одлуки и освен линеарно зголемување на пензиите, бараат и минималната пензија да изнесува 18.000 денари, што е безмалку идентично со актуелната просечна пензија во државата, која според последните податоди на Фондот за ПИОМ изнесува 19.106 денари. Од корисниците на пензија во државата, 28,56% земаат пензија до 13.300 денари, а над 22.000 денари земаат 27,61% од корисниците на пензија.