Третина од населението во Македонија живее со прекумерна тежина

Дебелината кај луѓето во светски рамки е веќе на алатмантно ниво. За жал овој проблем не ја одмина ни Македонија. Од Институтот за јавно здравје велат дека дебелината кај возрасните и децата во Македонија е на високо ниво.

“ Најновата студија објавена во „The Lancet“ покажува дека, во 2022 година, повеќе од една милијарда луѓе во светот живеат со дебелина. Во светот, од 1990 година, дебелината е зголемена повеќе од двојно кај возрасните, а четирикратно е зголемена кај децата и адолесцентите – од пет до 19 години. Во Македонија, 28,4 отсто од возрасните живеат со дебелина. Кај нас, дебелината кај возрасните е зголемена за 13,6 проценти, а кај децата и адолесцентите за 7,4 отсто, споредено со 1990 година“, се наведува во извештајот објавен на веб-страната на ИЈЗ.

30,5 отсто од децата од 6 до 9 години во нашата држава живеат со зголемена телесна тежина или дебелина, а 13,8 отсто од нив живеат со дебелина или екстремна дебелина. Дебелината е почеста кај момчињата за разлика од девојчињата, а повеќето деца, кои имаат зголемена телесна тежина и дебелина, живеат во урбани средини.

Физичката неактивност кај децата поради намалените можности за безбедни животни средини, кои промовираат активна игра и движење на децата, доведуваат до помалку движење и употреба на електронски уреди како клучни детерминанти на дебелина.

„Приближно 40 отсто од децата од шест до деветгодишна возраст поминуваат време пред телевизија или употребуваат електронски уреди повеќе од два часа дневно, вкупно 48 проценти од децата спортуваат или танцуваат најмалку два часа во неделата, повеќе од половина – 63 отсто, активно се движат до и од училиште, пешки или со велосипед“, наведуваат од СЗО.

Социоекономските карактеристики на семејствата на децата и достапноста на храна во и околу училишната средина, влијаат врз навиките за исхрана кај децата.

„Вкупно 32 отсто од децата од шест до деветгодишна возраст консумираат безалкохолни пијалаци богати со шеќер повеќе од три дена во неделата. Половина од децата консумираат ужинки богати со шеќер повеќе од три дена во неделата, а од нив 8,4 проценти и повеќепати секој ден. Само 24 отсто од децата консумираат свежо овошје секој ден, додека 21 процент консумираат свеж зеленчук“, информираат од СЗО.

Дебелината е сложено хронично заболување. Причините се добро познати, како и интервенциите коишто се потребни за контрола на кризата, кои се поткрепени со силни докази. Клучни интервенции се:

активности за поддршка на здрави практики од првиот ден, вклучително и промоција, заштита и поддршка на доењето, регулативи за штетниот маркетинг на храна и пијалаци за деца, политики за храна и исхрана во училиштата, вклучувајќи иницијативи за регулирање на продажбата на производи со висока содржина на масти, шеќери и сол во близина на училиштата, фискални и ценовни политики за промовирање здрава исхрана, политики за нутритивни информации на етикетите, кампањи за едукација на јавноста и зголемување на свесноста за здравата исхрана и вежбањето, стандарди за физичка активност во училиштата и интегрирање на услугите за превенција и управување со дебелината во примарната здравствена заштита.

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи