Денес околу 10.45 часот, во месноста Јелак на Шар Планина, мечка нападнала дански турист кој заедно со група скијачи учествувал во т.н. “фри рајд” скијање (надвор од скијачки патеки) во близина на Попова Шапка.
Мечката со гризнување и гребење му нанела повреди на нозете на скијачот. Екипа на итната медицинска помош од Тетово го транспортира повредениот скијач кон тетовска болница .
„Раната не е длабока, исчистена и санирана е. Немаме точни информации за каква рана се работи, но најверојатно станува збор за лесна, бидејќи веднаш по преврската данскиот турист ја напуштил болницата во Тетово“, изјави директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов.
Според Ангелов, мечката всушност ги штитела своите 2 мечиња, во чија близина групата скијачи правеле пауза.