Советот на ЕУ и Европскиот парламент се договорија околу текстот на регулативата со која на пазарот на Унијата ќе се забрани продажба на стоки произведен со принудна работа и со експлоатација на работници.
Според белгискиот вицепремиер и министер за економија и вработување Пјер-Ив Дермањ, со усвојувањето на оваа регулатива ЕУ сака да се осигура дека на единствен европски пазар нема место за производи направени со принудна работа, без разлика дали се произведени во Европа или во странство.
„Ужасно е тоа што во 21 век во светот се уште постојат ропството и принудната работа. Ова грозоморно злосторство мора да се искорени и првиот чекор за да се постигне тоа се состои во разбивање на деловниот модел на компаниите кои експлоатираат работници“, порача Дермањ.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, во договорениот текст на регулативата се задржува главната цел на првичниот предлог за забрана на продажбата и извозот на овие стоки во ЕУ, но дополнително се прецизираат надлежностите на Европската комисијата и на националните тела во процесот на истраги и носењето одлуки.
Со регулативата се предвидува создавање на база на податоци што ќе содржи проверливи и редовно ажурирани информации за ризиците од принудната работа и извештаи од меѓународни организации, со цел да се поддржи работата на Комисијата и националните тела во проценката на можните прекршувања на ова законодавство.
Документот и дава надлежност на Европската комисија да води истраги за обемот и сериозноста на сомнежите за принудна работа и експлоатација и надвор од територијата на ЕУ, особено како таа практика е наметната од државата на чија територија се врши производството на тие стоки.
Конечната одлука за забрана или повлекување и исфрлање од продажба на стоките произведени со принудна работи и експлоатација ги носи ЕК или националното тело што ја спровело истрагата и таа ќе важи во сите земји членки на ЕУ врз принципот на меѓусебно признавање.
Кога станува збор за т.н. критични производи направени со принудна работа, регулативата му дава можност на надлежното истражно тело да не ги отстрани од пазарот и наместо тоа да му нареди на производителот да покаже дека повеќе нема да користи принудна работа во своето работење или во некоја од фазите на снабдување.
Регулативата предвидува и можност за замена на делови од производот добиени со принудна работа, но не и негово целосно отфрлање. Така, ако се утврди дека некој дел од еден автомобил е направен со принудна работа, тој ќе треба да биде отстранет и заменет, но возилото нема да биде повлечено од продажба.
Европската комисија ја предложи оваа регулатива врз основа на податоците дека околу 27,6 милиони луѓе ширум светот се изложени на принудна работа во многу индустриски гранки. Принудната работа и експлоатацијата на работниците, според ЕК, најчесто се одвива во приватниот сектор, но во еден дел има и случи тие да бидат наметнати и од државните власти.
Комисијата ја предложи регулативата за забрана на продажба во ЕУ на производи направени со принудна работа на 14 септември 2022 година, а земјите членки на Унијата ја усогласија својата преговарачка позиција по предлогот на 26 јануари оваа година.