За прв пат како дел од 22-от Карневал Прочка во центарот на Прилеп од страна на здружението на жени Преродба беше прикажан обичајот „Амкање“ кој што се изведува традицонално за празникот Прочка. Обичајот се состои од тоа што едно варено јајце, но но со се лушпа, се врзува за конец и сукало и потоа секој од присутните се обидува да го лапне јајцето, што пак спортед обичаите ќе значи дека го следи среќа преку целата година.
„Јајцето со конец се врзува за сукало и се поминува по устите на дечињата, па она детенце кое ќе го лапне јајцето да биди среќно преку целата година. Па се пали конецот, па кажуваме да живее 50, 80 години, па се изгасни конецот на 80 се радуваме… Јајцето е варено и по обичај треба да биди со се лушпа, но сега ние поради децата го ставаме излупено, за да детето кога ќе го лапне веднаш да може да си го изеде“, рече Лилјана Ѓорѓиоска, претседателка на здружение на жени „Преродба“.
Освен децата за да пробаат да амкаат се пријавуваа и другите граѓани кои сакаа да се потсетат на својата младост кога и тие како деца го практикувале обичајот.
„Адетите сите кои се одржувале пред 50 или 60 години се повторуваат и кај младите, ние постарите се трудиме да им ја предадеме традицијата и да му наметниме нешто ако треба и со добрина“, вели еден прилепчанец.
„Кај младите слабо е застапено, тие помодерно си тераат, ние уште постарите ги правиме тие работи. Па сега од младиве кој ќе прифати прифати, кој не тоа е. Ова е убав адет и не треба да се изостави, треба да продолжи“, вели друга прилепчанкак.
Инаку обичајот е поврзан со Велигденските пости, односно се завршува да се јаде со мрсна храна со јајце и потоа за Велигден се замрсува со јајце.
„Суштината на амкањето е поврзана со постот. Во последбата недела, на последното јадење, на последната вечера на Прочка пред Велигденските пости, запокладуваме со јајце и со сирење. И по 7 недели се омрсуваме пак со јајце, црвено Велигденско“, додаде Ѓорѓиоска.
Утре ќе се одржи главното дефиле на Карневалот за кога се пријавени над 500 учесници распоредени во 20-тина групни и поединечни маски. Гости ќе има од другите градови.