Девет годишната Миа Шејкероска од Прилеп ученик во 4 одделение во ООУ „Кочо Рацин“ од Прилеп е иницијаторот на акцијата за пошумување што се одржа денеска кај манастирот Свети Димитрија, кај селото Селце, во близина на Прилеп. Нејзината идеја ја прифати општествено одгорната компанија Тила, која заедно со раководството на ООУ Кочо Рацин ја реализираше оваа акција.
„Мене оваа идеја ми дојде кога избиравме претседател на класот и тогаш јас сакав да направам нешто добро за сите нас и тогаш ме поддржа мојата наставничка, моите родители и мојата директорка и мене ми се оствари мојата желба за да имаме здрава природа и да имаме кислород“, истакна Миа Шејкероска, ученик во ООУ „Кочо Рацин“, иницијатор на акцијата за пошумување.
Во акцијата учествуваа околу 300 деца од 4 и 5 одделение, на кои им се придружија и учениците од 8 и 9 одделение. Се засадија околу 2.000 садници на багрем и габер.
„Целта на овој настан е најпрво да ја разбудиме свеста кај населението, да се зголеми зелената површина, односно шумските капацитети во нашата држава, бидејќи шумите се нашето најголемо богатство. Од ова место на овој голем ден 21 март денеска испраќаме апел до сите институции, организации ова да прерасне во една традиција, односно еве од денес од нашето училиште да израсне една иницијатива и ова да прерасне во еден голем настан“, вели Робертино Илиоски, ООУ „Коцо Рацин“ – Прилеп.
Во акцијата за пошумување свој придонес со стручни совети и припрема на теренот дадоа и од Јавното претпријатие „Македонски Шуми“, подружница „Црн Бор“ Прилеп.
„Ние како претпријатие им излеговме во поддршка со стручно покажување на терен како децата треба да пошумат садница, кој дел од садницата треба да се пошуми, што е тоа корен, што е тоа стебло, што е тоа врв на садницата, како се обработува земјата пред да се посади садница со цел да му дадеме една слика на овие млади деца да имаат во предвид дека секогаш во животот треба да посадуваат садници, бидејќи шумскиот фонд кај нас е многу мал, како на ниво на општина, така и на ниво на држава, така да вакви акции што ги смислуваат деца, оваа акција била смислена од дете од четврто одделение и со поддршка на цел клас, значи да некој ова го осмисли тоа е стварно за поздравување“, кажа Пецо Јовески, раководител на Јавното претпријатие „Македонски Шуми“, подружница „Црн Бор“ Прилеп.
Општина Прилеп и Советот на Општината кои ја поддржа оваа акција упатија благодарност до сите вклучени чинители и повикаа сите да се грижиме за животната средина.
„Особена благодарност до ученичката која од мали години развила сериозна свест за здрава животна средина и тоа треба да биде генералниот мотив за секој еден наш граѓанин да се работи дополнително на подобрување на квалитетот на живот, а квалитетот на живот можеме сами да направиме да биде и да изгледа подобро, но ни требаат и институциите. Да се грижиме отпадоците да се фрлаат на означените места, да му помогнеме на јавното претпријатие „Комуналец“ од Прилеп за поефикасно да ја одржува хигиената во нашиот град, а со овие вакви акции како што кажаа и претходно моите соговорници дека треба да бидат стимулирани сите. Добра е и инцијативата од реалниот сектор што покажуваат интерес, и претходната акција беше на некој начин спонзорирана од реалниот сектор, кој дополнително дава мотив и ние од оваа страна, носителите на јавните функции да даваме поддршка секогаш, односно да бидеме иницијатори на едни вакви добри и позитивни настани за сите граѓани. Нема политика, нема пропаганда, ова навистина е долгорочна инвестиција за здравјето на нас самите, но и на овие прекрасни дечиња кои денеска се носители на оваа акција“, изјави Дејан Проданоски, претседател на Совет на Општина Прилеп.
Беше упатен апел овој пример да го земат и институциите и општествено одговорните компании кои во иднина би го зголемиле бројот на ваквите акции за пошумување се со цел за идните генерации ги повратиме шумите кои во изминатиов перид беа изгубени поради дрвокрадството и пожарите.