Македонија одбележува 4 години членство во НАТО

Facebook
Twitter
Email
Print

Со свечена церемонија пред Министерството за одбрана, Македонија денес одбележува 4 години од зачленувањето во НАТО, како и Денот на Генералштабот на Армијата.

На одбележувањето присуствуваа претставници од Владата, Собранието, Кабинетот на претседателот, највисоки претставници на Армијата и дипломатскиот кор, а се обратија вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, министерката за одбрана Славјанка Петровска и директорот на Генералштабот на Армијата, бригаден генерал Симеон Трајковски.

Во своето обраќање министерката Петровска истакна дека е горда што пред четири години е остварена една од стратегиските цели на земјата, со што Македонија покажа каде припаѓа, кои се нашите вредности и кое е нашето место како земја која отсекогаш се залагала за мир, за демократија и за безбедност.

„Влегувајќи во НАТО јасно го одбравме патот, стабилност и сојузништво наспроти деструктивни однесувања. Во 2022-та година, на Лидерскиот самит на Алијансата во Мадрид го донесовме новиот Стратешки концепт на НАТО кој ги исцрта нашите цели, укажа на нашите задачи и покажа дека НАТО не е закана за никој. Напротив, НАТО постои за да се заштити себе си и да не дозволи унилатерални и непромислени одлуки на различни режими да бидат оние кои ќе можат да посегнат по нашата територија, по нашите граѓани“, порача Петровска.

За придобивките од членството во НАТО, Петровска се осврна на развојот на Армијата изминатите неколку години, по полноправното членство.

„Градењето на отпорноста на општеството е сериозен предизвик пред кој сме исправени и кој мораме да го совладаме. На денот на Генералштабот даваме ветување дека Армијата ќе продолжи да се развива и модернизира, затоа што таа е столбот на нашата државност. Процесите на опремување ќе продолжат подеднакво како што ќе продолжи и највредната инвестиција, инвестирањето во човечкиот капитал, столбот на одбраната“, истакна Петровска.

Во рамките на денешната свеченост, за прв пат беше одбележан и Денот на Генералштабот на Армијата – 28 март, а по тој повод директорот на Генералштабот, бригадниот генерал Симеон Трајковски, во своето обраќање направи ретроспектива на развојот на ова највисоко стратешко тело во Армијата и порача дека Генералштабот останува целосно посветен на исполнување на сите задачи и обврски во остварувањето на стратешките определби на Северна Македонија.

Македонија стана триесетта земја членка на Алијансата на 27 март 2020 г., откако го реши тридеценискиот спор со јужниот сосед Грција и го промени уставното име во Република Северна Македонија. Зачленувањето се случи по 27 години откако Собранието во 1993 г. едногласно усвои резолуција во која се дефинирани надворешнополитичките приоритети на земјата – членството во НАТО и во Европската Унија. На 15 ноември 1995 година, државава го потпиша Рамковниот документ за пристапување кон програмата Партнерство за мир, на 14 јуни 1996 година беше отворена Канцеларијата за врски, а при крајот на 1997 година и Постојаната мисија во седиштето на НАТО во Брисел. Во април 1999 година, на самитот на НАТО во Вашингтон, Република Македонија се стекна со статус на земја кандидат за членство во Алијансата, по што се започна со подготовка и реализација на Акцискиот план за членство.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи