Штабовите на претседателските кандидати се согласиле на почетокот на кампањата да има една мастер дебата на неутрален терен, со неутрални модератори на дебатата.
Дебатата би ја организирале изборните штабови, продукцијата би била на една продукциска компанија која допрва треба да се договори, а секоја партија ќе може да си донесе своја публика. Како можно место на одржување се споменуваат спортската сала „Борис Трајковски“ или Филхармонија.
Трошоците за дебатата би биле подеднакво поделени меѓу штабовите на кандидатите.
Дел од кандидатите барале од дебатата да се изземат некои од нивните ривали, пред се Стевчо Јакимовски бидејќи е на „црната листа“ на САД и Билјана Ванковска поради нејзините наративи, но од штабот на Пендаровски велат дека тоа не е можно.
„Државната изборна комисија потврди дека има седум кандидати за претседател на државата и за нас не постојат спорни кандидати. Го почитуваме гласачкото тело на сите кандидати и кога некој претендира да стане претседател на државата треба да го има предвид фактот дека тој е претседател на сите граѓани. Нашата идеја е дебатата да се одржи со сите седум кандидати и добро е што имаме позитивен одговор од сите штабови. Не можеме да кажеме финално дека ќе има дебата бидејќи во следниот период штабовите ќе треба да ги договорат техничките аспекти“, велат од штабот на Пендаровски.
Мастер дебатата е предвидено да биде како форма на претставување и соочување со кандидатите со кои би се избегнале или би се намалиле обвинувањата и би се отворила можност сите седуммина да се соочат со своите програми за претстојната изборна трка.