Мониторингот за периодот јануари – февруари 2024 година и анализата на резултатите покажуваат дека со наближувањето на датумот на избори се зголемува интензитетот на комуникацијата на политичките актери. Тие продолжуваат да бидат главен извор на штетни наративи при што зачестено користат остар јазик со емотивен набој во комуникацијата преку партиските веб-страници и фејсбук-профилите. Се користат непроверени податоци, селективно се презентираат информации, со што се оневозможува јавноста да добие целосна слика за работењето на политичките субјекти и не може да донесе информирана одлука, особено кога станува збор за изборните процеси.
Најголемите партии се и најголеми сејачи на токсични наративи (Прва е ВМРО-ДПМНЕ, а потоа СДСМ), па нив доминантно ги има и во медиумите. Покрај тоа што се почесто се изнесуваат непоткрепени обвинувања кон политичките опоненти има и зачестена појава на популистички дискурс и зачестени етноцентристички наративи. Ова е забележително особено кај партиите на Албанците, кои посегнуваат по реторика за величање на националната припадност и инсистирање на етничка персонализација на првите функции (премиер и претседател на државата). Заштитата на националните интереси на Албанците во државава е во фокус на промоцијата на сопствените идеологии во штетните објави на ДУИ, Европскиот сојуз за промени и Алијанса на Албанците. Исто така, политичките актери сè почесто меѓусебно непоткрепено се обвинуваат дека водат политики под „странско влијание“.
Загрижува фактот за зачестените критики на влијателните политички актери (и од поранешниот премиер и од лидерот на опозицијата) кон медиумите, со што се поттикнува клима за недоверба кон медиумските работници и нарушување на слободата на изразување.
Во јануари и февруари има раст на објавите со штетни наративи кај медиумите и рекорден број објави со штетна содржина кај онлајн медиумите. Како и претходно, во најголемиот број случаи, штетните наративи се „произведени“ од политичките актери, а не од новинарите. И во овој период доминира практиката некритички и еднострано да се пренесуваат непроверените наводи од политичките актери, најчесто во форма на целосно пренесени партиски соопштенија и говори на политичари.
Позитивно во овие два месеци е што во речиси сите анализирани ТВ прилози ниту еднаш не е забележан говор со којшто се навредува одредена група или, пак, се оправдува говор на омраза кон одредена група. Исто така, кај одредени медиуми има тренд на намалување на бројот на прилози со штетни наративи во однос на претходните четири месеци од мониторингот.
Истражувањето ШТЕТ-НА, ИКС го спроведува со истражувачи и експерти од областа на комуникациите и медиумите. Предмет на мониторинг се 10-те политички партии и нивните лидери чии партии бројат најмалку двајца пратеници во парламентарниот состав 2020 – 2024 година, како и фејсбук-комуникацијата на членовите на Владата на РСМ. Кај медиумскиот мониторинг се следат 11 онлајн-медиуми и 9 телевизиски станици.