Светски ден на менталното здравје: Не дозволувајте да „прегорите“ на работното место

Facebook
Twitter
Email
Print

Светскиот ден на менталното здравје се одбележува на 10 октомври, а годинава тој се фокусира на менталното здравје и работното место, каде во текот на работната недела, луѓето најмногу го поминуваат нивното време. Работата е корисна и добра за менталното здравје, но негативната работна средина може да доведе до сериозни физички и ментални здравствени проблеми.

Д-р Славица Арсова, директорка на Клиниката за психијатрија, на денешното одбележување на Светскиот ден на менталното здравје истакна дека не смееме да дозволиме да прегориме на работното место.

„Менталното здравје не е луксуз, туку е потреба и право на секоја индивидуа, колку треба да биде телесно, толку и ментално здрав. Ментално здравје значи не само отсуство на некоја болест, туку да се чувствуваш радосен, среќен. Работата му дава смисла на човекот и треба да биде поттик и извор за секоја индивидуа да биде поефикасна, не само на работното место, туку и надвор од работата да се чувстуваме исполнето, среќно, весело во кругот на семејството и поширкото опкружување. Но, за жал не е секогаш така, постои синдром на прегорување, токму тоа сакаме денес да кажеме, да не дозволиме да прегориме, да не дозволиме во текот на работниот процес да ни се истрошат сите телесни и ментални снаги и да добиеме одредени потешкотии кои потоа ќе се одразат не само на нашата лична благосостојба туку и на работниот процес и на општеството во целина. Треба меѓучовечките односи да се добри, да се работи тимски, еден колега на друг да му помага , со цел, за каков и да било работен процес, да имаме подобра ефикасност“, кажа Арсова.

На овогодишниот Светски ден на менталното здравје, Светската здравствена организација (СЗО) се обединува со партнерите за да ја истакне виталната врска помеѓу менталното здравје и работата.

„Безбедни, здрави работни средини може да дејствуваат како заштитен фактор за менталното здравје. Нездравите услови, вклучувајќи стигма, дискриминација и изложеност на ризици како вознемирување и други лоши работни услови, може да претставуваат значителни ризици, кои ќе влијаат на менталното здравје, севкупниот квалитет на животот и последователно учеството или продуктивноста на работа. Со оглед на тоа што 60 отсто од глобалното население работи, потребна е итна акција за да се осигура дека работата ги спречува ризиците за менталното здравје и го штити и поддржува менталното здравје на работа“, велат од СЗО.

Организацијата апелира дека од суштинско значење е владите, работодавачите, организациите кои ги претставуваат работниците и работодавачите и другите засегнати страни одговорни за здравјето и безбедноста на работниците да работат заедно за да го подобрат менталното здравје на работа.

Се проценува дека годишно се губат милијарди долари поради изгубената продуктивност поради зголемените дијагнози на депресија и анксиозност кај работниците, што има значително економско влијание. На глобално ниво, околу 264 милиони луѓе страдаат од депресија, а многу од овие луѓе страдаат и од симптоми на анксиозност.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи