Совет на Европа: Во Бугарија недостасува свест за малцинските права

Facebook
Twitter
Email
Print

Советодавниот комитет на Советот на Европа за спроведувањето на  Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства во своето најново мислење заклучи дека Бугарија не остварила доволен напредок во обезбедувањето пристап до правата на малцинствата.

Додека Бугарија играше сè поактивна улога во промовирањето на правата на лицата кои им припаѓаат на бугарските малцинства во странство, вакви напори не биле забележани и во рамките на Бугарија, стои во документот на Советодавниот комитет.

Советот на Европа вели дека постои забележителен недостаток на свест за малцинските права како составен дел од човековите права. Немало напори да се имплементираат голем број долгогодишни препораки за прашања како слободна самоидентификација, поддршка за унапредување и заштита на правата на малцинствата и неопходност да се обезбеди целосна еднаквост на сите кои живеат во Бугарија.

„Како и во претходните циклуси, лицата кои се идентификуваат како Македонци ја повторија својата долгогодишна желба да бидат заштитени според Рамковната конвенција, но бидејќи властите не го прифаќаат постоењето на објективни критериуми за нив, овие лица не можат да уживаат пристап до индивидуалните малцински права. Нивните долгорочни обиди да регистрираат здруженија кои ја промовираат македонската заедница не беа успешни. И лицата кои се идентификуваат како Помаци изразија желба да имаат корист од заштитата според Рамковната конвенција. Според властите, нема неопходни објективни критериуми и за Помаците, кои и понатаму се нарекуваат бугарски муслимани, спротивно на нивното самоидентификување“, стои во извештајот на Советодавниот комитет.

Тој нагласува дека пристапот до правата и нивното ефективно спроведување се од огромна важност и мора да имаат примарно значење за властите.

„Советодавниот комитет смета дека е клучно да се следи прагматичен пристап кон лицата кои се самоидентификуваат како Македонци и Помаци. Особено е важно Рамковната конвенција да се применува член по член кон лицата кои припаѓаат на тие заедници во области како што се недискриминација, еднаков пристап до правата и промовирање на меѓусебно почитување и разбирање, особено во образованието, културата и медиумите“, стои во извештајот.

Според резултатите од пописот од 2021, најголемото национално малцинство во Бугарија биле Турците, кои сочинуваат 8,4% од вкупното население, па следуваат Ромите (4,4%). На истиот попис, 1.143 луѓе се изјасниле како Македонци.

„Лица кои се самоидентификуваат како Македонци, кои продолжиле да бараат заштита според Рамковната конвенција, пријавиле до Советодавниот комитет дека некои постапки на властите ги сфатиле како активно обесхрабрување да се самоидентификуваат како етнички Македонци. Пријавени се и напади за време на јавни настани, како и пречки во организирање протести и различни настани. Соговорниците на Советодавниот комитет напоменаа дека во бугарското општество нема свест за значењето на малцинските права и дека нема разбирање националните малцинства да бидат составен и ценет дел од Бугарија“, се вели во извештајот.

Се напоменува дека Европскиот суд за човекови права во 12 случаи против Бугарија утврдил непочитување на правото на слобода на собирање и здружување, поднесени од здруженијата на Македонците, кои властите упорно одбиваат да ги регистрираат.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи