Продолжува соработката помеѓу ТКП и Филип Морис, но без да бидат откриени повеќе детали околу тоа дали е завршен договорот помеѓу овие компании и дали и како истиот ќе биде продолжен. Денеска цигарната фабрика ја посети и премиерот Христијан Мицкоски кој оствари средба со директор на ТКП – Филип Морис , Иван Костиќ.
„Од друга страна заедничката фирма која што ја основавме ТКП – Филип Морис бележи одлични резултати и придонесува за македнскиот буџет со преку 120 милиони евра годишно. Сега бевме во производствениот погон каде можевме да ги погледнеме инвестициите во последните 2 години од 7 милиони евра во нови производствени капацитети и машини. Со што се овозможи не само зголемување на производството за домашниот пазар туку и најважното за извоз. Така што бевме многу среќни што почнавме да извезуваме од Прилеп производи за 9 пазари, тоа не се само регионални пазари туку и доста подалеку и во ЕУ“, изјави Иван Костиќ, директор на ТКП – Филип Морис.
Беше потенцирано дека ова стратешко партнерство успеа да го извлече Комбинатот од делот на загубарите и веќе 5 години по ред да биде фирма со позитивно салдо.
„Јас можам да кажам дека ние како раководство ќе дадеме максимум од нас за да ја продолжиме и унапредиме соработката во иднина, така што има големи планови, се надевам дека ќе бидиме успешни во тој поглед“, кажа Александар Алексоски, директор на Тутунски комбинат Прилеп.
Како понатаму ќе се одвива соработката помеѓу ТКП и Филип Морис останува да покаже времето.