ВИДЕО – Ѓурчиноски: Секој човек има дарба, само треба да се открие, а талентот да се негува

 

Сликарството претставува практика на пренесување на боја, на пигмент или на некое друго средство на некоја површина. Тоа се јавува во повеќе форми и на некој начин претставува изразување, на претставување. А што претставува сликарството на нашиот Антонио Ѓурчиноски, млад уметник, кој што ветува многу во иднина.

 

 

Антонио кои беа твоите почетоци во уметноста, како го откри својот талент?

Моите први почетоци започнаа уште од основно образование, кога мојата постара сестра Маргарита учеше во Гимназијата во Прилеп. Таа секогаш во своето слободно време црташе и јас бев покрај неа и ја следев како црта. Но, мојот талент јас го открив во основно образование кога таа продолжи да студира на архитектонски факултет во Скопје и поради големата заангажираност и секако зафатеност, таа не беше постојано дома. И така мене ми дојде инспирација, зедов лист од нејзиниот блок и започнав да цртам.

Што најмногу сакаш да црташ?

Пред се сакам најмногу да ги цртам модните креации кои што премногу ми се допаѓаат, секако цртање на фустани, одделни делови на облеката, чевли, накит, потоа цртам пејсажи, портрети, карикатури, изработувам и маски и се она што спаѓа во мануелна изработка.

Дали ти е важно нешто само да се нацрта или и да пренесеш некоја порака, некоја емоција со делото?

Секој мој цртеж не е залудно потрошено време. Секој мој цртеж содржи порака, емоција, искажувам што во моментот чувствувам додека цртам.

Во која техника најчесто ги изработуваш твоите дела?

Најчеста техника која ја користам за изработка на моите дела е акварел, темперни бои, потоа сенчење со молив или јаглен, во зависност од самата тежина и комплицираноста на цртежот кој што го имам замислено за цртање.

Имаш добиено бројни награди. Скоро и да нема натпревар каде си учествувал, а да не добиеш награда. Дали можеш да издвоиш некои најдраги награди кои што си ги добил?

Учествувам скоро на секој натпревар и на сите тие натпревари, на поголемиот дел од нив добивам прво, второ или трето место, добивам и пофалници за учество. Тука пред се сакам да се заблагодарам на професорката по уметност Марта Макеска која што секогаш ме поттикнува и секогаш е до мене, ме поддржува и ме вклучува во разни проекти и натпревари. Како што на пример за меѓународниот карневал Прочка каде имам изработено 2 маски, во кои имам премногу вложено труд. Едната го претставуваше знамето од Кутлеш и територијата на Македонија, потоа исто и „Треш фешн“ каде ученик од СОУ „Ѓорче Петров“ го донесе второто место од државниот натпревар. Тука сакам да се заблагодарам и на професорката Здравка Најдовска, која што отсекогаш беше исто така тука до мене, ме поттикнуваше за да се вклучам во внатрешните натпревари во нашето училиште. Како на пример за натпреварот за модни креации, кој е наменет за ученичката Јелена Крстиќ, секако тука со целосно задоволство изработувам свои модели и ги изложувам. Потоа исто така ме вклучува во проекти каде учествував со ученици од Нови Пазар, Србија и ученици од Албанија. Тука нашето училиште го претставив со многу добра носија, која што многу им се допадна. Потоа учествував и во разни проекти твининг. Исто така сакам да кажам дека и пред една седмица ја освоив втората награда од Славјански Универзитет од Битола.

Кој ти е омилен артист, уметник?

Значи исто како и на секој уметник, така и мене, омилени артис ти ми се Леонардо да Вични или Микеланџело, но исто така од поново време ја следам и модерната уметност.

Дали цртањето ти преставува само хоби, или планираш и во иднина да се занимаваш како професија?

Цртањето мене ми преставува хоби, бидејќи во слободно време цртам и ќе продолжам  да цртам, бидејќи во иднина се гледам како иден доктор, бидејќи ќе студирам на медицинскиот факултет во Скопје и потоа секако сакам да бидам и иден уметник.

Колку младите, твоите врсници ја разбираат уметноста и колку те поддржуваат во ова што го правиш?

Секако одговорот на ова прашање, поголемиот дел од врсниците не се толку заинтересирани за уметноста, бидејќи поголемиот дел се наклонети кон социјалните мрежи, со тоа што едноставно не се искажуваат себе си, едноставно своето слободно време го трошат на некакви обврски кои не им причинуваат некакво задоволство, нешто што ќе има донесе награда или едноставно ќе се развијат себе си.

Дали ја добиваш поддршката од твоето семејство, од твоите најблиски?

Секако, тоа ми е многу значајна поддршка бидејќи моите темели за успех се благодарение на моите родители, бидејќи секогаш ме финансираат за да ги остварам своите замислени идеи. Исто така и мојот тим, односно моите сестри Маргарита и Јованка кои секогаш се тука до мене за да можам да ги остварам моите замислени идеи и цели.

Како се одвива процесот за да се изработи една слика, едно дело?

Процесот за да се изработи една слика, како и секоја работа секако е тежок и сложен. Потребна е посебна инспирација, секако техника и на каков начин ќе го преставиме тој цртеж кој сум го замислил и едноставно само земаме лист и почнуваме да сликаме.

Колку време ти е потребно за да изработиш една слика?

Потребно време за да изработам една слика, едно дело зависи од самата тежина и самата сложеност на сликата. Потребно ми е од 3 до 5 часа.

Каде најчесто црташ, дали сакаш да си сам или немаш проблем да бидеш опкружен од своето семејство, од твоите пријатели?

Јас би сакал да кажам дека претежно сакам да цртам сам, да работам на мојата работна маса каде и претходно сум ги творел своите дела. Исто така можам лесно да се преадаптирам доколку секако работам со поголема група на луѓе.

Дали слушаш музика кога твориш, затоа што ете уметностите се поврзани и можеби повеќе можеш да се инспирираш доколку слушаш добра музика?

Уметноста е во иста хармонија со музиката, секако дека јас додека творам слушам и музика за да можам полесно да се релаксирам и секако да се изолирам од секојдневните обврски и долготрајното учење и секако да се изолирам за да можам полесно да се фокусирам на својата работа.

Откриј ни неколку совети, што е потребно за една добра слика?

Совети за една добра слика, секако првенствено треба да имаме талент за нештото да го твориме или цртаме. Потоа исто така треба да имаме желба, самодоверба во себе дека нештото навистина можеме да го нацртаме и секако пред се трпание.

Антонио за крај, која е твојата порака до младите уметници?

Мојата порака до младите уметници е секако да се искажуваат себе си, бидејќи секој човек на планетата земја има дарба, само тие треба да ја откријат и секако да ја развиваат во себе, бидејќи така тие ќе се пронајдат себе си, како што се пронајдов и јас. Пред се тука сакам да кажам дека се си доаѓа во свое време, но никогаш не треба да се откажуваме.

 

 

 

 

 

 

Не е дозволено преземање на оваа содржина или на делови од неа, што се однесува на текст фотографија видео без дозвола од редакцијата на ИНФО КОМПАС.

Можеби ќе ве интересира

Следете не на facebook

 

Вашата поддршка многу ни значи